Француски, германски, бугарски и чешки борбени единици се лоцирани во областите на Купјанск и Запорожје, југоисточните доминантно руски региони во Украина – Харков односно Херсон, објави пратеникот од одметнатиот регион Луганск, Виктор Водолацки, а романски платеници објавија дека учествувале во напад врз рускиот пограничен град Белгород.
„Француски и германски едници, Полјаци и, за голема жал, Бугари и Чеси, денес се активни учесници во нацистичка Украина, помагајќи да се зачуваа оваа украинско-фашистичка идеологија“, изјавил Водолоцки за државната агенција РИА.
Според пратеникот во руската Дума, снајперисти и воени инструктори од споменатите земји повремено доаѓаат и до првата линија на боиштето и периодично се уништувани од руските сили.
Ден претходно директорот на руската разузнавачко-безбедносна агенција Сергеј Наришкин изјави дека Москва поседува информација дека Франција подготвува контингент, кој првично ќе брои 2.000 активни војници, кои ќе бидат испратени во Украина.
Темата за присуство на француски војници на фронтот во Украина е особено активна од почетокот на годината, кога руското Министерство за одбрана објави дека со прецизно ракетирање бил уништен хотел во близина на Харков при што биле убиени околу 60 француски војници кои ги напуштаат своите матични единици и се активираат во украинските вооружени сили. Официјален Париз првично ги негираше тие информации, но подоцна француски политичари и медиуми го потврдија присуството на француски војници во Украина.
На крајот од февруари, пак, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Париз ќе направи сѐ да ја спречи Русија да победи во војната и навести дека челниците на западните земји размислуваат за испраќање војници на украинското боиште, но рече дека сѐ уште за тоа не е постигнат консензус.
Изминатиот викенд Макрон, во разговорот воден во авионот со кој се враќаше од состанокот во Берлин посветен на ситуацијата во Украина, повтори дека на тамошното боиште „во некој момент“ можеби ќе бидат потребни копнени воени операции на западноевропските земји членки на НАТО, како и дека Франција „нема лимити и црвени линии“ кога станува збор за воената помош на Киев.
Истовремено, доцна во вторникот група романски платеници објавија на социјалните мрежи дека учествувале во неодамнешните обиди на украинските диверзантски сили да продрат на руска територија. „Извршивме упади во нивните (руски) погранични села“, објави на Facebook платеничката група која се идентификува како Romanian Battlegroup Getica.
Оваа група тврди дека заедно со ткн „Руски доброволечки корпус“, составен од руски неонацисти пребегани во странство и обучувани од западни воени инструктори и претставувани како „партизани“ кои војуваат против Кремљ, и други паравоени странски формации учествувала во гранатирање на руската погранична област за што објавува и видео.
Кон крајот на февруари романското радио Radio Romania Actualitati објави сторија за романски доброволци и платеници кои се приклучиле на украинските вооружени сили. Притоа беше истакната групацијата Romanian Battlegroup Getica, којашто според прилогот е составена од државјани на Романија и Молдавија.
Последната седмица во руските погранични области на градовите Белгород и Курск три дена со ред беа извршени жестоки напади од украинска територија, во кои под команда на украинската војска, според сопствени објави, биле вклучени платенички групации од повеќе земји. Според процените на руското Министерство за одбрана, во овие прекугранични напади од украинска страна учествувале 2.500 борци, од кои убиени биле најмалку 580, а притоа биле уништени 19 тенкови и 21 тешко оклопно борбено возило на украинските сили.