Русите известуваат за речиси целосно преземање на Бахмут и масовно предавање на Украинците во Авдеевка

© AP Photo / Libkos

Основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожи, чиишто изјави вообичаено руското Министерство за одбрана ги потврдува официјално по неколку дена, изјави во видео-порака објавена во вторникот дека неговите борци во моментов контролираат повеќе од 80 отсто од градот Бахмут.

Градот Бахмут (Артјомовск, на руски), на административните граници на југоисточниот украински регион Доњецк беше под контрола на бунтовничките проруски сили по превратот во Киев во 2014 година, но се повлекоа во противофанзива на украинските сили истата година. Градот, кој до пред руската инвазија од крајот на февруари минатата 2022 година имаше околу 70.000 жители и уште речиси толку украински војници изминатите осум години беше претворен во силно утврдува со големи надземни и подземни коридори, за кои повеќе од шесте месеци се водат жестоки борби.

Битката за Бахмут се претвори во една од најкрвавите судири во 13-месечната војна, со големи рововски битки и постојани артилериски дуели со големи жртви на двете страни кои ги потсетуваат воените аналитичари на Првата светска војна.

Во видео-снимката која е објавена на Telegram апликацијата, Пригожин покажува мапа на областа како силите на „Вагнер“ продолжуваат со целосното опкружување на речиси сосема разорениот град,

„Во Артјомовск (Бахмут) поголемиот дел, повеќе од 80 отсто е под наша контрола, вклучително и целиот административен центар, фабричките комплекси, складиштата, градската управа“ го цитира Reuters Пригожин.

Со црвен маркер означен е релативно мал, главно порано станбен дел од градот кој руските сили „мора да го освојат“. „Таму војувањето продолжува“, вели Пригожин.

Пригожин и претходно изнесуваше тврдења дека руските единици контролираат големи делови од овој рударски град, што се покажуваше преурането. Но Киев признава дека ситуацијата во „тврдината Бахмут“ последните месеци е „многу тешка“.

Британското Министерство за одбрана кое од почетокот на судирите на дневно ниво води пропагандна војна против Русија објави дека руските единици го заземале западниот брег на реката Бахмутка, со што е загрозен единствениот правец за снабдување но и извлекување на украинските сили.

Челникот на Доњецкиот регион кој од 2014 година прогласи независност од Украина, Денис Пушилин, изјави во текот на посетата на Бахмут во понеделникот, дека руските сили контролираат 75 отсто од градот.

 

Дали Бахмут има значење

Откако претходно ја истакнуваа значајноста на утврдениот Бахмут, Западот и украинскиот претседател Володомир Зеленски сега тврдат дека градот има само симболично значење, па нејасно е зошто се инсистираше на продолжување на украинските сили на тој дел од боиштето и негово претворање во „мелница за човечко месо“, како што го нарекуваат и двете страни.

Последните месеци западните воени аналитичари почнаа да ја менимизираат важноста на Бахмут, наспроти претходните нивни тврдења и тврдеа дека руската војска изгубила десетици илјади војници во борбите за градот. Во март американскиот весник The Wall Street Journal објави дека украинските офицери признаваат дека во борбите со руските сили последните месеци кај Бахмут, еден од трите градови кои сѐ уште се под контрола на Киев во одметнатиот проруски источен регион Доњецк, тешки загуби претрпеле неколку од најобучените единици на украинската војска. Уште во декември американските медиуми пишува дека Вашингтон ги советувал украинскиот државен и воен врв да ги повлечат преостанатите единици од градот Бахмут и да ги сочуваат за планираната пролетна противофанзива.

Руските воени аналитичари наведуваат дека самите власти во Киев го претвориле Бахмут (Артемјовск, на руски) во еден симбол, што може да претставува нивна „трагична грешка“. Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.

 

Ситуацијата околу Авдеевка

Истовремено во вторникот вечерта еден од челниците на проруските единици од Доњецк, Игор Кимаковски за првиот канал на руската телевизија изјави дека украинските војници започнале да се предаваат во градот Авдеевка, 76 километри југоисточно од Бахмут.

„Во моментов во областа многу вооружени формации на украинската војска се предаваат…“, рече Кимаковски, откако претходно во вторникот челникот на руските сили во Доњецк, Денис Пушилин истакна дека во моментов задачата е да се опколи градот.

До овие информации беше познато дека украинските единици во Авдеевка сѐ уште одржуваат неколку правци за снабдување на групата војски во градот.

Целта на руската офанзива во областа на Авдеевка украинските сили да бидат потисната кон централните области на Украина за да се спречи гранатирањата врз градовите под руска контрола Доњецк, Јасиноватаја и Макеевка.

Авдеевка е еден од главните утврдени области на територијата од самопрогласената Доњецка Народна Република, кој сѐ уште е под контрола на украинската војска од каде секојдневно се гранатираат градовите во регионот, особено врз главниот градски центар на регионот Доњецк, кој од 2014 година е под контрола на проруските сили и имаше над 1,5 милиони жители.

Кон крајот на март, поранешен командант на единица на украинската војска на позициите во Авдеевка, Евгениј Дики, предупреди дека руските сили успешно го користат искуството стекнато во борбите за Бахмут, и оти го затвораат обрачот околу градот.