Руската амбасада: Немаат основа тврдењата дека Русија е заинтересирана за конфликт помеѓу Македонија и Бугарија

Нема основ за тврдењата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, дека сме заинтересирани за конфликт меѓу Македонија и Бугарија, реагира амбасадата на Русија во земјава после изјавата на шефот на дипломатијата.

„Обрнавме внимание на изјавата на министерот за надворешни работи на РСМ г-дин Б.Османи во интервју за Радио Слободна Европа на 29 јануари дека „третиот фактор“ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Северна Македонија и Бугарија, е Руската Федерација.

Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќе пати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во Босна и Херцеговина и во српската автономна покраина Косово и Метохија, не може да се прецени. Секогаш постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Заинтересирани сме за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи имаме вековни пријателски врски.

Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на РСМ и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти.
Ги повикуваме медиумите во РСМ на одговорен и професионален пристап при објавување вести и аналитички материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика, кои отворено ги декларираме – интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање во предвид меѓусебните интереси“, соопшти Руската амбасада во Македонија.