Руската Црноморска флота во раните утрински часови во средата одбила напад со надводни дронови врз заливот во Севастопол, на полуостровот Крим, објави на апликацијата Telegram, гувернерот Михаил Развожаев.
„До моментов уништени се вкупно три објекти. Тие се обидоа да продрат во заливот, нашите морнари отворија оган врз нив од стрелечко оружје. Работеше и противвоздушната одбрана врз воздушна цел. Воените бродови не се оштетени“, се вели во објавата на Развожаев.
Од експлозиите на погодените дронови имало испукани прозорци на објекти во близина на едно од севастополските пристаништа, но нема настрадани луѓе.
Севастопол, каде е историското седиште на руската Црноморска флота, и пред превратот во Киев во 2014 година уживаше специјален статус, а и по присоединувањето на полуостровот на Руската Федерација, ужива управна посебност и не претставува дел од ткн Република Крим.
Украинската војска од ланскиот јули периодично се обидува со беспилотни летала да нанесе поголеми штети на руската морнарица во Свестопол и во самиот град. Повеќето од нив се соборени од руската противвоздушна одбрана, а Киев тврди повремено дека наводно нанел значителни штети.
Кон крајот на ланскиот октомври украинската војска изведен напад истовремено и со воздушни и поморски дронови, од кои четири беа соборени пред да дојдат до дострел на целите а три во рамките на дострелот. Притоа миноловецот „Иван Голубец“ беше незначително оштетен од остатоците од беспилотно летало.