Руската флота во Црното Море е на готовност поради предупредување за напад, напиша Карл Билд на неговиот профил на „Твитер“. За оваа информација засега нема официјална информација и потврда од Русија.
Некои медиуми пренесуваат дека руското Министерство за одбрана издало наредба борбената готовност на руската флота во Црното Море да се подигне на највисоко ниво и дека е издадено предупредување за евентуален напад откако било забележано дека воени бородови на коалициските сили за Сирија, предводени од САД, Велика Британија и Франција, тргнале кон Сирија.
Според непотврдени информации, до напад би можело да дојде во следните 24 часа. Како што наведуваат странски медиуми, испраќањето воени бродови кон Сирија е реакција на наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума во кој загинаа најмалку 70 луѓе. Западните земји за нападот го обвинија сирискиот режим на чело со Башар ал Асад, кој има поддршка од Русија.
На итна седница Советот за безбедност на Обединетите нации повика на независна истрага, но набргу дојде до вербален судир меѓу амбасадорите на САД и Русија во ОН. Рускиот претставник Василиј Небензја наведе дека Русија е длабоко загрижена од фактот дека некои, како Вашингтон, но и Лондон и Париз кои слепо ги следат САД, се ангажирале против Русија и Сирија без никакво оправдување. Тој рекол дека Русија се соочила со клеветење, санкции, уцени и закани. „Дрско ѝ се закануваат на Русија. Тонот со кој се прави тоа ја премина границата на дозволеното. Дури ни за време на Студената војна немаше вакво безобразно однесување кон Русија – додал тој.
Небензја потсетил дека Москва ги предупредиле САД на тешки последици доколку изведат напад над сириската влада поради нападот со хемиско оружје, додека американската амбасадорка, Ники Хејли, возврати дека САД ќе одговорат без оглед на тоа дали Советот за безбедност ќе одлучи да делува во врска со нападот или не.