Руските сили во петокот тргнале со оклопни возила во пробивање на одбранбената линија во североисточниот украински регион Харков, со бројно руско и рускојазично население, и силно ја гранатираат областа.
Агенцијата Reuters ги цитира извештаите од Киев според коишто ова е најсилниот сигнал досега дека Русија сака да отвори нови фронт по околу 1.200 километри долгата линија на контакт меѓу двете војски. Според истиот извор, руските сили напредувале еден километар во близина на пограничниот град Волчанск.
Регионот на Харков изминатите две годни од руската инвазија беше релативно поштеден од интензивни гранатирања, но од пред неколку месеци откако во градот кој Москва го смета за руска територија е забележано силно присуство на странски воени инструкции и концентрирање на украинските сили, започнаа жестоки ракетни удари врз воена и стратешка инфраструктура и градот и околината. Харков е познат како центар на украинската индустрија, која дава голем придонес за одржувањето на украинската војска.
Назначениот од украинските власти началникот на областа на Волчанск, Тамаз Гамбарашвили, за локалното население потврди дека во тек е евакуација на населението од градот и од блиските населби. Волчанск се наоѓа на северот од Харковската област и според официјалните податоци од 2022 година во него живееле околу 17.000 луѓе, кои сега се намалило на неколку илјади, поради силните гранатирања.
Претходно, шефот на руската воена администрација на регионот Харков, Виталиј Ганчев, изјави за медиумите дека во регионот има битки на неколку делови од линијата на контакт, вклучително и во пограничните области, а локалните жители биле замолени да не ги напуштаат своите засолништа освен ако е апсолутно неопходно. Според Ганчев, под контрола на руските сили во Харковската област се 29 населени места, со околу три илјади жители.
Руските вооружени сили контролираат дел од украинскиот регион Харков во непосредна близина на регионот Белгород, непосредно до границата на руска територија, кој изминатите месеци е подложен на постојани прекугранични удари од украинската војска со десетина цивилни жртви.
Украинското Министерство за одбрана истовремено објави дека борбите во граничните области на регионот Харков и натаму траат, како и дека Киев таму испратил дополнителни сили.
„Околу 5 часот утрото имаше обиди на непријателот да ги пробие нашите одбранбени линии со оклопни возила. Тие напади досега се одбиени, а борбите со различен интензитет продолжуваат“, се наведува во соопштението на Киев.
Висок украински воен извор, кој не сакал да биде именуван, за Reuters рекол дека руските сили се пробиле на еден километар во територијата на Украина и дека имаат намера да ги потиснат украинските вооружени сили дури на 10 километри кон внатрешноста на Украина.
Руските сили се повлекоа од поголемиот дел на регионот Харков во 2022 година, што беше претставено како успех на украинската сили. Меѓутоа, руските единици не беа потисната од другата страна на границата. А по целосниот колапс на долгонајавуваната украинска противофанзива минатата лето, руските сили се во бавно но постојано напредување чија првична цел е потиснување на украинското оружје со долг дострел од одметнатиот проруски јужен регион Доњецк.
Киев ги предупредува своите сојузници дека неодамнешното наводно јакнење на руските сили во близина на Харковскиот регион може да биде показател за иден напад или обид за „развлекување“ на украинската армија, којашто поради големите загуби се соочува со голем недостиг од жива сила и муниција.