Руската војска создава безбеден премин за граѓаните да го напуштат Киев

Руското Министерство за одбрана ги повика украинските цивили да се евакуираат од Киев. Тие можат да го сторат тоа со одење по автопатот кон Василков, град кој се наоѓа на 20 километри југозападно од главниот град, се вели во соопштението во понеделникот, додавајќи: „Овој правец е отворен и безбеден“.

Министерството соопшти дека Русија „напаѓа само воени објекти“ и тврди дека цивилното население нема да биде загрозено.

Повикот дојде во понеделникот кога делегациите на Украина и Русија треба да започнат мировни преговори во Белорусија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јавното обраќање рече дека има мали очекувања од преговорите. Неговата земја нема намера да се предаде, додаде тој.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во неделата за АП изјави дека градот е целосно опколен од руски војници, но подоцна се повлече од тврдењето.

Украинската влада претходно дистрибуираше огнено оружје на цивилите, ги ослободи од затвор криминалците со воено искуство и ги повика луѓето да подготват огнени бомби за борба против руските војници.

Русија ја нападна Украина во четвртокот, тврдејќи дека земјата мора да биде демилитаризирана и „деназифицирана“ за да ги заштити отцепените региони Доњецк и Луганск, како и Русија.