Руската војска тврди дека ги одбила украинските напади во Запорожје

Руските сили ги одбиле нападите на три баталјона на тактичка група војски на Вооружените сили на Украина во југоисточниот украински регион Запорожје од кој поголемиот дел е под руска контрола, соопшти во неделата во дневниот брифинг на руското Министерство за одбрана.

Претходно во неделата претпладнето агенцијата Reuters објави дека гувернерот поставен од руските власти наводно признал дека Украина повторно заземала под контрола село во јужниот регион Запорожје, што би бил нејзин прв успех на овој дел од фронт откако ја започна својата со месеци најавувана контраофанзива.

Вршителот на должноста гувернер Владимир Рогов рекол дека украинските сили ја зазеле населбата Пјатикатки и таму се вкопуваат додека се под оган од руската артилерија.

„Непријателските офанзиви во бранови дадоа резултати, и покрај огромните загуби. Тешките борби продолжуваат во областа“, напишал Рогов на апликацијата за пораки Телеграм.

Засега нема коментар од Украина, а Reuters не можел од независни извори да ја потврди ситуацијата на бојното поле.

Украина минатата седмица соопшти дека ја вратила контролата на околу 100 квадратни километри територија за нешто повеќе од една недела, со што повторно освоила голем број села во источниот регион Доњецк, додека руските воени блогери наведуваат дека станува збор за помалку од десет небранети села и мали населени места кои не се на првата линија на одбраната на руските сили и за далеку помала територија по површина.

Истовремено во неделата во редовниот дневен брифинг за воените дејствија на украинскиот фронт во изминатото деноноќие, рускот Министерство за одбрана без да ја споменува ситуацијата со Пјатикатки соопшти дека „со компетентни и решителни акции на единциите од групацијата војски Исток, воздушни напади и артилериски оган, сите непријателски напади беа одбиени“.

Во Москва тврдат дека украинските сили безуспешно се обидувале да напредуваат во неколку офанзивни акции во бранови во близина на селата Новопокривка, Новоданиловка и Малаја Токмачка. Притоа, според истиот извор, баталјоните на тактичката ударна група на украинската војска биле засилени со десетици тенкови и оклопни борени возила и дејствувале затскривајќи се зад создадена димна завеса.

„Над 200 украински војници, 33 тенкови, 30 пешадиски борбени возила и 35 оклопни борбени возила беа уништени во текот на борбените дејствија само во еден ден во правецот на Запорожје“, се наведува во објавата на руското Минисерства за одбрана чии наводи не може да се проверат од независни извори.

Истовремено, се додава во соопштението кое го пренесува агенцијата РИА, руските војски отвориле масивен артилериски и ракетен оган врз четори колони на украинската резерва во запорошката населба Малаја Токмачка, каде наводно биле уништени уште 9 тенкови, 10 борбени пешадиски возила и десетина други оклопни борбени возила на украинската војска.

Украинската противофанзива за истиснување на руските единици започна на 4-ти јуни во Јужнодоњецката, Запорошката и Беахмутската насока, според руската војска која наведува дека главниот украински удар бил концентриан во Запорошкиот сектор од фронтот вкупно долг повеќе од илјада километри.

Во противнападот Киев ги ангажирал бригадите обучувани изминатите месеци од страна на офицери и стручњаци на НАТО и вооружени со модерно оружје и опрема од западно производство. Како што процени командантот на 58-та армија на Вооружените сили на Русија, генерал-мајорот Иван Попов, главната цел е пробивање на руската одбрана со цел украинските трупи да избијат на Азовското Море. Покрај тоа, властите во Киев објавија дека најголемата цел на протиофанзивата е да се отсече копнената врска на црноморскиот полуостров Крим кој од 2014 година е прогласен за дел од Руската Федерација и негово враќање под контрола на украинските власти.

Претходно седмицава, во средата, на состаникот со воените команданти рускиот претедател Владимир Путин изјави дека украинската војска претрпува голем загуби во противофанзивата и оти не успеала да оствари нарпедување во ниеден правец на фронтот. Како што изјави на 13-ти јуни, до тој ден Украина во изминатите денови од офанзивните дејствија загубила 160 тенкови и 360 оклопни возила, главно од западно производство.

Следниот ден на 14-ти јуни, руското Минситерство за одбрана тврдеше дека во борбените операции од 4-ти јуни, Вооружените сили на Украина наводно останале без околу 7.500 војници, убиени и ранети, „без да се сметаат загубите во личниот состав на украинските трупи како резултат на дејствувањето на руското оружје со долг дострел и висока прецизност во длабочината на украинската територија“.