Во близина на близина на местото Марганец, регионот Дњепропетровск во југоисточна Украина, уништена е хаубицата со долг дострел од моделот „М777“, од кој украинската војска ја гаѓаше нуклеарната централа Запорожје, соопшти во саботата руското Министерство за одбрана.
„Украинската артилерија ја гранатираше нуклеарната централа од областа на населбата Маргенец, во регионот Дњепропетровск. Во текот на артилериската битка во оваа област, беше откриена и уништена американската хаубица М777“, изјави портпаролот на руските сили, Игор Конашенков.
Според руското одбранбено министерство, во текот на последното деноноќие биле истрелани 17 проектили кон нуклеарната централа Запорожје. Се додава дека четири од нив го погодиле покривот на специјалната зграда Бр.1, во која се складирани 168 склопови од американско нуклеарно гориво. Уште десет експлодирале на 30 метри од складиштето со искористено нуклеарно гориво, а три во зоната на специјалната зграда Бр.2, каде што се наоѓа единицата за складирање на свежо нуклеарно гориво и складиште за цврст радиоактивен отпад.
Ситуацијата со радијацијата на територијата во нуклеарната централа Заппорожје и натаму е во нормалата, додаваат од руското Министерство за одбрана.
Нуклеарната централа Запорожје е лоцирана на левиот брег на реката Дњепар, во близина на градот Енергодар. Станува збор за најголемата нуклеарка во Европа, и една од најголемите во светот, која од март е под контрола на руската војска а и натаму ја опслужува украински персонал.
Последните седмици Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата нуклеарна централа во Европа, што ги разгоре стравовите на континентот од можна нуклеарна катастрофа од големи размери. Малку е веројатно дека руската војска би ги гранатирала сопствените позиции. Во гранатирањето веќе е оштетена високонапонската врска на трафостаницата Каховскаја, по што мораше да се намали капацитетот на две енергетски единици.
Поради гранатирањата расте страв дека е можна нуклеарна катастрофа како онаа во украински Чернобил во 1986 година. Украинската државна енергетска компанија „Енергоатом“ соопшти во петокот дека руските сили наводно планираат да ги исклучат функционалните енергетски блокови во централната и да го исклучат од украинската електрична мрежа, што е опасен процес. Според нив, исклучувањето на сложените генератори од украинската мрежа би оневозможило да бидат користени за ладење на нуклеарното гориво во случај на прекин на струјата во нуклеарката,
Исклучување на нуклеарна централа е комплициран процес во кој треба да се запре нуклеарна верижна реакција и да се спречи нуклеарното гориво да се загрее и предизвика тлеење на јадрото на реакторот.
Во блиска иднина се очекува посета на група стручњаци на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), како што побара Москва уште пред две седмиц. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека сега и Русија и Украина дале безбедносни гаранции за пристигнување на меѓународната мисија во централата.