![raketi ATAMCS](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/raketi-ATAMCS.jpg?resize=696%2C457&ssl=1)
Руското Министерство за одбрана во својот редовен брифинг за воените операции на боиштото во Украина, во средата првпат извести дека противвоздушната одбрана соборила две ракети со долг дострел ATACMS од американско производство.
„Во текот на изминатото деноноќие, со протввоздушни ракети С-200 наменети за копнени цели пресретнати се две оперативно-тактички ракети ATACMS од американско производство, како и два антирадарски проектили HARM и два ракетни система за повеќекратно лансирање HIMARS, исто така, од американско производство“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана чиишто наводи не може да се проверат од независни извори.
Се додава и дека руските противвоздушни системи собориле два украински ловца „МиГ-29“, јуришен авион „Су-25“, борбено-тренажен авион од моделот „Л-39“ над регионите Доњецк, Херсон и Дњепропетровск. Во истиот период било уништено и 51 украинско беспилотно борбено летало, тврдат од Москва.
Се додава и дека за само еден ден руската авијација, беспилотни летала, ракетните сили и артилеријата погодиле позиции на распоредување на жива сила и опрема на украинските вооружени сили во 105 области. Конкретно, во близина на Серебријанка во Доњецк, бил изведен „успешен напад“ врз командното-набљудувачка позиција на 15-тиот полк на елитната украинска Национална гарда.
Минатата седмица Белата куќа потврди дека на Киев му испорачала проектили од типот ATACMS од модификацијата со дострел од 165 километри. Весникот The New York Times, повикувајќи се на неименуван висок американски функционер, неодамна објави дека САД на Украина ѝ предале околу 20 ракети ATACMS, но кои имаат дострел од 165 километри. Истовремено агенцијата Associated Press објави дека „помалку од десетина“ проектили кои би можеле да бидат лансирани од повеќе ракетни лансери HIMARS биле испратени во Украина.
Руските претставници во украинските региони на почетокот од октомври објавија дека Бердјанск, во Запорошкиот регион, кој под контрола на руските сили, бил гаѓан со касетни проектили М74 содржани во ракетата ATACMS.
ATACMS е оперативно-тактичка балистичка ракета развиена од американската компанијата „Lockheed Martin“. Може да се лансира од повеќе ракетни системи за лансирање, вклучувајќи го и M142 HIMARS.
Украина од почетокот на судирот од САД бараат системи ATACMS за да гаѓа цели и на руска територија, тврдејќи дека со тоа ќе ги прекине линиите за снабдување на руските единици во Украина, да напаѓа воздушни бази и железничката линија и на териториите кои се под контрола на руската војска.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна предупреди дека САД се сѐ повклучени во војната на Украина против Русија, како и дека направиле голема грешка тајно испорачувајќи ѝ ги ракетите ATACMS со дострел од повеќе стотици километри. Според него, станува збор за уште една грешка на Вашингтон, призна дека таквото оружје создава дополнителна закана за руските сили, но порача дека овој систем не е во состојба радикално да ја промени ситуацијата на линијата на борбен контакт, а Русија ќе може да ги одбие овие напади.