Рускиот амбасадор во САД: Бараат од мене да зборувам против Владата и Путин

Рускиот амбасадор во Соединетите Држави Анатолиј Антонов изјави дека добил писмо во кое се повикува да даде јавна изјава против руската влада.

„Неодамна добив писмо по пошта, со повик да ја осудам мојата татковина и да ги осудам постапките на рускиот претседател. Ми беше предложено и да се обратам во канцеларијата на заменик-државната секретарка на САД, Венди Шерман, ако бидам спремен да го прифатам предлогот“, изјави тој во емисијата Болшаја игра (Големата игра) на рускиот Канал 1 во вторникот вечерта.

Антонов додаде дека руската амбасада побарала објаснување од американскиот Стејт департмент за ова прашање.

„Не мислам дека американскиот амбасадор или американските дипломати во Москва добиваат писма од ваков вид, кои според мене се провокативни“, рече тој. „Кога гледам публикации во американските медиуми што ги повикуваат руските војници и дипломати да ја предадат својата татковина, немам зборови да ја опишам мојата одбивност кон таквите потези.“

Според дипломатот, неколку луѓе биле забележани како делат картички со телефонски броеви пред руската амбасада и ги канат вработените во неа да „комуницираат со агенти на ФБИ“. Во исто време, амбасадорот рече дека не може со сигурност да каже дали тие лица навистина биле специјални агенти или се само обични доушници.