Руски бомбардери во близина на воздушниот простор на Ирска

Еден патнички авион ја променил својата маршрута на летање, а друг задоцнил со полетувањето заради појавата на руски бомбардери во близина на воздушниот простор на Ирска, пренесува МИА повикувајќи се на сооштение од ирските воздухопловни власти, цитирано од руски медиуми.

„Полетувањето на авионот од Даблин беше одложено заради активност на руската воена авијација во воздушниот простор што е под контрола на Велика Британија. Маршрутата на авионот што веќе го почнал својот лет, беше сменета за да не ги пресече маршрутите на руските воени авиони“, се наведува во соопштението, пренесува БТА.

Инцидентот се случил на 18 февруари, истиот ден кога британските боебени авиони интервенираа за да ги пресретнат двата руски  бомбардери што летале во близина на британскиот воздушен простор.

Во контекст на напрегнатоста околу конфликтот во Украина активностите на бомбардерите беа протолкувани како демонстрација на сила од страна на Русија.

Според ирската служба за цивилна авијација, апаратите за идентификација на руските авиони биле исклучени, забележуваат француските медиуми.

Ирските медиуми подвлекуваат дека авионот што бил задржан на аердоромот  и пренасочениот авион „биле комерцијални со стотици луѓе во нив“ .

Авијационните власти, меѓутоа, признаа дека „немало опасност за цивилните летови во воздушниот простор, контролиран од Ирска“, прецизираат руските медиуми.

Во соопптението се наведува дека руските авиони не навлегле во суверениот воздушен простор на Ирска и дека прелетеле на 46 километри од ирското крајбрежје.