Доброволци од Србија кои се претставиле како припадници на Четничкото движење стигнале во Севастопол, јавува агенцијата ИТАР ТАСС.
„Ние го претставуваме Четничкото движење и нас можете да не’ споредите со Козаците во Русија. Нашата цел е во името на српскиот народ да дадеме поддршка на рускиот народ. Во овој момент овде е се’ исто како некогаш во Србија. Западот и Европа ја финансираат опозицијата и тие велат дека сакаат во Европа, а сето тоа е лага“, рекол Милутин Малишиќ, кој се претставил како командант на четничката гарда „Волци“, наведува руската новинска агенција.
„Нас не’ повикаа козаците и веднаш ги поддржавме. За време на војните во некогашна Југославија, постоеше голем број на руски доброволци кои се бореа на српската страна, и како браќа ни помогнаа. Наша должност е да бидеме овде“, рекол Малишиќ.
На прес-конференцијата доброволците рекле и дека не очекуваат масовно доаѓање од Србија бидејќи е „мал народ“, но и дека чувствуваат голема љубов кон Русија.
Во Севастопол, како што тврдат од ИТАР ТАСС , стигнале пет доброволци од Србија, и тие, според козачките извори, ќе бидат распоредени на една од контролните точки на влезот во градот, пренесува РТС.