Рускиот државен гасен гигант „Газпром“ ја известил француската енергетска компанија „Engie“ за намалување на испораките почнувајќи од вторникот 30-ти август, пренесе весникот Le Figaro повикувајќи се на извори во корпорацијата.
Француската компанија во соопштението не ги наведува поединостите за карактерот на прекинот на испораките од Русија, но тоа силно ја продлабочува загриженоста за снабдувањето на Франција со енергија. Испораките на гасот веќе се значително намалени од почетокот на војната во Украина во февруари, на 1,5 терават-часови изминатите месеци, соопштија од „Engie“.
„Газпром“ претходно минатата седмица ги извести коминтентите во Европа дека на три дена од 31-ви август до 2-ри септември ќе ги запре испораките на гасот преку гасоводот Северен тек 1 кон Германија, поради редовното годишно одржување на цевководната мрежа. Европските земји стравуваат дека рускиот гас нема повторно да потече претстојниот викенд.
Според аналитичарите Morningstar, во минатата 2021 година „Газпром“ на „Engie“ му испорачал 121 терават-часови, што значи дека Франција од руската компанија набавувала петтина од сопствените потреби од гас.
„Јасно е дека Русија го користи гасот како оружје во војната и мораме да се подготвиме за најлошото можно сценарио за целосен прекин во снабдувањето“, изјави француската министерка за енергетска транзиција Ањес Пание-Рунаше за радиото France Inter без да се осврне на ефектот од сеопфатните западни санкции насочени во прв ред врз рускиот енергетски и финансиски сектор.
Од „Engie“ соопштија дека ги преземале сите мерки за да се заштитат.
„Engie веќе обезбеди доволно за да ги подмири обврските кон купувачите и сопствените потреби и воведе неколку мерки за значително ги ублажи директните финансиски и физички притисок кој би можело да произлезе од прекинот во снабдувањето гас за Газпром“, порачаа од францускиот концерн.
Претходно во понеделникот од „Engie“ објавија дека преговараат со алжирската компанија „Sonatrach“ за зголемување на увозот на гасот од неа во среднорочна перспектива.
Франција помалку во однос на другите соседи во Европа помалку се потпира на увозот на гас од Русија, што сочинува околу 17 отсто од нејзината потрошувачка.
Во моментов Франција има проблем во домашното производство на електрична енергија, особено во нуклеарниот сектор кој произведува најмалку струја во последните 30 години поради проблемот со корозијата на реакторите. Нуклеарната енергија сочинува околу 70 отсто од вкупното производство на електрична енергија во земјата.