Рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави во стаботата дека ќе го прекине извозот на гас во Молдавија од 1-ви јануари 2025 година, откако Молдавија не го исплатила својот долг преку државната компанија „Молдовагаз“.
Русија ја снабдува Молдавија со околу две милијарди кубни метри гас годишно преку Украина. Гасот се доставува до отцепениот регион Придњестровје, кој го користи гасот за производство на евтина енергија што ја продава или заменува на остатокот од Молдавија. Од 2022 година е во сила договор целиот руски гас да оди во Придњестровје, откако проевропските власти во Кишињев се приклучија на антируските санкции.
„Врз основа на одредбите од договорот и важечките норми на руското законодавство, Газпромод 08:00 часот по московско време на 1-ви јануари 2025 година, воведува ограничување на испораките на природен гас во Република Молдавија на нула кубни метри дневно“, се вели во објавата на платформата Telegram.
Од „Газпром“ објаснуваат дека поради одбивањето на молдавската страна да го подмири долгот за снабдување со гас, тие испратиле известување до „Молдовагаз“, потсетувајќи ги дека молдавската страна редовно не ги исполнува обврските за плаќање и тоа преттавува значително кршење на условите од тековниот договор.
Ограничувањето на испораките ќе остане во сила додека „Газпром“ не го извести „Молдовагаз“ за поинкава ситуација.
Во исто време, руската компанија нагласува дека ги задржува сите права, вклучително и правото на еднострано раскинување на договорот и правото да бара компензација од „Молдовагаз“ за сите загуби и плаќање казни за неисполнување на обврските од договорот.
Во октомври 2021 година, „Газпром“ и „Молдовагаз“ по долги преговори потпишаа нов петгодишен договор. Руската компанија тогаш изјави дека договорот е склучен практично според условите на молдавската страна, но подлежи на 100 процентна исплата на тековните плаќања и ревизија на долговите на „Молдовагаз“.
Договорот е сè уште валиден, но испораките се ограничени на 5,7 милиони кубни метри. Овој гас се испраќа во отцепената проруска саопрогласена покраина Придњестровје во замена за електрична енергија, а Молдавија го користи гасот од резервите или го купува преку „Енергоком“ на самото место.
Во септември 2023 година, шефот на молдавското Министерство за енергетика, Виктор Парликов, ги претстави резултатите од ревизијата на историскиот долг на „Молдовагаз“ кон „Газпром“, кој изнесуваше 709 милиони долари. Од оваа сума, 276 милиони, според него, не биле документирани ниту од „Молдовагаз“, ниту од „Гаспром“, а други 400 милиони не се предмет на наплата поради истекување на застареноста. Така пророманската влада во Кишињев му понуди на „Газпром“ да му плати само 8,6 милиони долари. Руската компанија не се согласи со тоа и изјави дека ревизијата е извршена еднострано и не може да влијае на важноста на долгот.
Покрај тоа, на 31-ви декември истекува договорот за транзит на руски гас во Европа преку Украина. И Москва и Киев изјавија дека тој нема да биде продолжен. Како што соопштија молдавските власти, „Газпром“ му понудил на Кишињев да преговара самостојно. Молдавското Министерство за енергетика објави дека ќе бараат алтернативни патишта за снабдување, вклучително и преку Трансбалканскиот коридор (Турски тек). На 16-ти декември во Молдавија беше воведена вонредна состојба во енергетскиот сектор.
Овој потег доаѓа во пресрет на целосното запирање на извозот на руски гас преку Украина во Европа, каде што тој тече кон Словачка, Австрија, Унгарија и Италија, по истекот на постојниот транзитен договор со Украина на 31-ви декември. Најпогодена запирањето на овие испораки ќе биде токму Молдавија, каде во контроверзните изборни разултати минатиот месец беше спречена победата на прорускиот претседателски кандидат.
Молдавскиот премиер Дорин Речеан ја осуди одлуката на Русија, велејќи дека жителите ќе останат без струја и греење. Во објава на Faceboook, без да ги спомене долговите на Кишињев кон „Газпром“, тој ја обвини Русија дека наводно ја користи енергијата како оружје и најави дека Молдавија ќе ги разгледа правните лекови, вклучително и меѓународната арбитража.
Два ипол милиони Молдавци се подготвуваат за долготрајни прекини на електричната енергија откако Киев соопшти дека нема да го продолжи транзитниот договор со „Газпром“.
Парламентот на Молдавија поради тоа на 13-ти декември гласаше за воведување национална вонредна состојба во текот на 60 дена, која започна да се применува од 16-ти декември, поради очекуваниот прекин на испораките на руски гас од 1-ви јануари. Придњестровје, кое не е меѓународно признато, ден претходно прогласи сопствена вонредна економска состојба.
Од 101 член на парламентот, 56 пред две седмици ја поддржаа мерката на гласање веднаш по полноќ, по повикот на премиерот Дорин Речеан за воведување вонредна состојба за да се обезбеди потребниот гас за молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје, кој треба да возврати со електрична енергија. Имено, прогласувањето вонредна состојба ѝ овозможува на владата брзо да реагира и да го ограничи извозот на енергија.