Руски хакери најверојатно добиле незаконски пристап до илјадници електронски пораки од претставници на американскиот Стејт департмент во сајбер напад во 2020 година, пишува „Политико“, повикувајќи се на извори во Конгресот.
Цел на нападот биле пораки на лица од одделот за Европа и Евроазија на Стејт департментот, како и на одделот за Источна Азија и Пацифичкиот регион. Тие два оддела работат со документи поврзани со партнерите во НАТО и САД во Европа, Далечниот исток и Пацификот. Според извори на „Политико“, ова не значи дека сајбер криминалците добиле пристап до класифицирани информации.
Сè уште не е јасно дали акциите на хакерите во овој случај биле дел од голем шпионски хакерски напад врз американски владини агенции што го заразиле софтверот на компанијата „Солар Виндс“.
Како одговор на новинарско прашање на таа тема, Стејт Департментот појасни дека се преземаат конзистентни активности за заштита на информациите. Во исто време, институцијата наведува дека од безбедносни причини не можат да коментираат за размерот и природата на кибер нападот во моментот.
Претходно беше соопштено дека 650 милиони американски долари се доделени на Агенцијата за безбедност на интернет и инфраструктура (ЦИСА) за да се заштитат информациите.