Руски хакери пак блокираа веб-страници на белгиски институции

Руски хакери денеска втор ден по ред уриваат веб-страници на белгиски институции, јавија локалните медиуми.

Регистрирано е дека овој пат се погодени локациите на општинските власти и пристаништето Зибриж.

Хакерите од групата NoName057(16) на „Телеграм“ соопштија дека „ја казнуваат Белгија за поддршката на украинските терористи“. Белгискиот центар за кибер безбедност го потврди авторството на нападите и ги опиша како „безопасни“.

Според локалните медиуми, хакерската група за која станува збор е против каква било поддршка за Украина и ги напаѓа веб-страниците во прокиевските земји со испраќање премногу барања за пристап до избраните сајтови. Се додава дека Белгија добила закани од истата група и во врска со општинските избори в недела. Според експертите за кибер безбедност, акциите на руските хакери имаат за цел да привлечат внимание и – во овој случај – да создадат впечаток дека изборите се во опасност.

Белгиските власти неодамна соопштија дека од почетокот на руската воена офанзива против Украина, на Киев му обезбедиле помош од над 1,2 милијарди евра. Се очекува Украина наскоро да добие белгиски борбени авиони Ф-16 и дополнителни испораки на оружје.