Руски хакери пробале да ја саботираат украинската електрична мрежа

Руски хакери минатата недела се обиделе да извршат кибер-напад врз електричната мрежа на Украина, соопштија денеска украинските власти и истражителите за кибер-безбедност. Групата, која безбедносните истражувачи ја нарекле „Песочен црв“ (Sandworm) и претходно се поврзувала со деструктивни кибер-напади од страна на Русија, инсталирала софтвер на компјутерите што ги контролираат високонапонските трафостаници во Украина, соопшти украинскиот Компјутерски тим за одговор при итни случаи (ЦЕРТ-УА) на својата веб-страница.

– Организацијата која била цел на нападот доживеала два брана напади. Првиот се случил најдоцна до февруари 2022 година. Исклучувањето од електраните и демонтирањето на инфраструктурата на компанијата било закажано за петок вечер, 8 април 2022 година, се вели во соопштението на ЦЕРТ-УА.

Во соопштението се додава дека нападот бил спречен но не се открива кој украински снабдувач со електрична енергија бил цел на нападот.

Русија постојано ги негира наводите дека извршила кибер-напади врз Украина.

Словачката компанија за кибер-безбедност ESET соопшти дека соработувала со CERT-UA за да спречи напади и го опиша малициозниот софтвер како надградена верзија на злонамерна програма што предизвика прекин на електричната енергија во Киев во 2016 година.

Софтверот е дизајниран да ја преземе контролата врз компјутерските мрежи на снабдувачи со струја и да ја „прекине струјата“, објави ESET во блог пост. Заедно со него е инсталиран и друг злонамерен софтвер за да се забават обидите за враќање на напојувањето, додаде компанијата.