САД го отфрлија предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот во Украина на сегашните борбени линии на состанокот на посредниците, изјавиле за Reuters три руски извора запознаени со контактите.
Американски извор отфрлил дека имало некаков официјален контакт и рекол дека Вашингтон не би учествувалл во никакви разговори во кои не е вклучена Украина.
Во 2023 година, Путин му испратил сигнали на Вашингтон, јавно и преку посредници како што се арапските партнери на Москва на Блискиот исток и други, дека е подготвен да размисли за прекин на огнот во Украина, велат руски извори.
Путин сакал да го замрзне конфликтот на сегашните борбени линии и не бил подготвен да предаде ниту еден дел од украинската територија што Русија ја освои.
„Контактите со Американците не доведоа до ништо“, изјавил еден од изворите запознаени со разговорите кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година, кој разговарал за Reuters под услов да остане анонимен.
Друг извор рекол дека Американците ѝ кажале на Москва преку посредници дека нема да разговараат за потенцијален прекин на огнот без учество на Украина, поради што разговорите пропаднале. Третиот извор тврди дека „сè се распадна со Американците“ и дека САД не сакале да вршат притисок врз Украина.
Медиумите претходно не известуваа за обемот на овие преговори и нивниот неуспех.
Написите за нив доаѓаат во време кога американскиот претседател Џо Бајден со месеци се обидува преку Конгресот да испрати дополнителна помош за Украина, но се соочува со противење од сојузниците на веројатниот републикански противник на ноемвриските избори, Доналд Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека никогаш нема да прифати руска контрола врз кој и да е дел од украинската територија и забрани секакви контакти со Русија.
Анонимен американски функционер за Reuters изјавил дека САД не водат никакви тајни преговори со Русија и дека Вашингтон е доследен да не работи зад грбот на Украина.
Постигнаа ли Москва и Киев договор за прекин на огнот?!
Кон средината на јануари годинава беше објавено дека Украина имала шанса да постигне мир на преговорите во Истанбул во март 2022 година, но нешто или некој го промени мислењето на претседателот Володимир Зеленски, според интервјуто со неговиот поранешен помошник, Алексеј Арестович, објавено во понеделникот.
Фреди Сајерс, главен уредник на британскиот весник UnHerd, го интервјуираше Арестович речиси една година откако тој ја напушти службата кај Зеленски. Оттогаш тој се пресели во САД, и вели дека Киев сака да го уапсен под политички измислени обвиненија.
„Бев член на процесот во Истанбул и тоа беше најпрофитабилниот договор што можевме да го направиме“, вели Арестович. Украинската делегација ‘отвори шише шампањ’ кога се врати во Киев, верувајќи дека договорот е завршена работа“, додаде тој.
Протоколите биле „90 отсто подготвени“ за директна средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, според Арестович, кога украинскиот претседател ги прекинал разговорите.
Неговото отфрлање на договорот нашироко му се припишува на „масакрот во Буча“, за кој Украина ја обвини Русија, но Арестович рече дека не го знаел тоа. Нешто „апсолутно“ го промени мислењето на Зеленски и „историчарите ќе мора да најдат одговор за тоа што се случи“, рече Арестович.
„Многу луѓе велат дека премиерот Борис Џонсон дојде во Киев и ги прекина овие преговори со Русија. Не знам дали е тоа точно или неточно. Тој дојде во Киев, но никој не знае за што зборуваа, освен, Зеленски и самиот Борис Џонсон“, изјави тој за UnHerd.
Улогата на Џонсон во уништувањето на мировните преговори во Истанбул беше објавена уште во мај 2022 година од страна на весникот „Украинска правда“. Според медиумот, тој дошол во Киев со „две едноставни пораки“, дека рускиот претседател Владимир Путин е „воен злосторник“ со кој не треба да се преговара и дека дури и ако Украина е подготвена да потпише некаков договор со Русија, Западот не е.
Дејвид Арахамиа, лидерот на партијата на Зеленски во украинскиот парламент, ја спомена посетата во интервју од ноември 2023 година, парафразирајќи ја пораката на Џонсон дека им рекол на Украинците „само да продолжат да се борат“.
Поранешниот британски премиер конечно го коментираше ова прашање дури една година од првите споменувања на неговата улога на почетокот од 2024 година, велејќи дека тој „само му рекол“ на Зеленски дека Велика Британија ќе ја поддржи Украина „илјада проценти“ и дека секој потенцијален договор со Русија би бил „прилично гаден“. Сепак, тој инсистираше на тоа дека никому не му „наредил“ ништо да направи.
Во јуни 2023 година Путин, на средбата со група африкански лидери во Санкт Петербург, покажа нацрт-договор со Украина, за кој тврдеше дека е подготвен во Истанбул во март 2022 година.
„Би сакал да го свртам вашето внимание на фактот дека со помош на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, како што знаете, во Турција се одржаа серија разговори меѓу Русија и Украина со цел да се разработат двете мерки за градење доверба и да се состави текстот на договорот. Со украинската страна бе разговаравме за тоа дека овој договор ќе биде таен, но никогаш не го презентиравме ниту коментиравме. Овој нацрт-договор беше парафиран од шефот на преговарачкиот тим во Киев. Тој го стави својот потпис еве го“, истакна тогаш Путин покажувајќи фо наводниот документ.
Додаде дека „тоа беше наречено Договор за трајна неутралност и безбедносни гаранции на Украина“.
„Украина го отфрли мировниот договор штом Русија го исполни барањето и ги повлече војниците од Киев. Каде се гаранциите дека нема да се откажат од ниту еден друг договор во иднина“, истакна лани Путин.
Кој го спречи Киев да го потпише примирјето
На почетокот од април 2023 година, поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет, кој беше меѓу првите светски челници кои една година претходно веднаш по руската инвазија во Украина ги посети Киев и Москва во настојувањата да се издејствува разгорување на поголем воен конлфикт, изјави дека преговорите меѓу претставниците на Русија и Украина во пролетта 2022 година, биле прекинати по иницијатива на западните земји.
Поранешниот израелски премиер во интервјуто детално зборуваше за преговорите по почетокот на руската инвазија во Украина 24-ти февруари 2022 година за личните контакти со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот Володомир Зеленски, како и со челниците на водечките западни земји: американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и тогашниот британски премиер Борис Џонсон. Според сеќавањето на Бенет, позициите меѓу западните челници биле поделени во однос на натамошните чекори.
„Сите моите активности беа координирани до најситни детали со САД, како и со Германија и со Франција“, рече тогаш Бенет а потоа потврдно одговори на прашањето на новинарот дали и прекинот на преговорите е инициран од Западот. „Во голема мера, да. Тие (Западот) ги прекинаа преговорите, а потоа ми се чинеше дека грешат. И сега ќе кажа, дека е рано да се носат заклучоци“, изјави израелскиот политичар.
Преговорите меѓу Москва и Киев започнаа неколку дена по почетокот на руската офанзива во Украина во Белорусија. Директните преговори меѓу Киев и Москва имаа добар развој до 29-ти март до средбата во Истанбул, кога беше најавена и можна средба на двата претседатела. Но потоа мировните преговори нагло замреа, а како што забележуваат и некои украински медиуми, тоа се случува веднаш по ненадејната посета на Киев на британскиот премиер Борис Џонсон.
Но шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушогли уште кон средината на април 2022 година во разговор за американската телевизиска мрежа CNN рече дека мирното решение на војната во Украина го спречуваат „некои земји во НАТО“, кои посакуваат војната што подолго да трае за воено и економски да ја истошти Русија.
„Постојат земји во НАТО кои сакаат војната во Украина да продолжи. Продолжувањето на војната го гледаат како слабеење на Русија. Не им е многу грижа за ситуацијата во Украина“, рече тогаш Чавушоглу чијашто земја има добри односи и со Киев и со Москва и не се придружи на антируските санкции.
Според коментаторот на The New York Times, Дејвид Сангер, противници на мировен договор за Украина се и САД и уште во 2022-ра наведе дека „кога министерот за одбрана Лојд Остин на крајот од тајната посета на Украина изјави дека целта на Америка е да ја види Русија толку ослабена да повеќе нема моќ да напаѓа соседна држава, ја призна трансформацијата на судирот од битка за контрола над Украина до онаа во која Вашингтон подиректно се спротиставува на Москва“.
„Штом украинските и руските преговарачи по средбата во Истанбул се договорија околу изработката на идниот договор, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, се појави во Киев без предупредување. Џонсон во Киев донесе две едноставни пораки. Првата е дека Путин е воен злосторник и треба да биде прогонуван, а не да се преговара со него, и втората – ако Украина е подготвена да потпише со него какви и да се гаранциски договори, Британија не е“, објави уште на 5-ти мај минатата година весникот Українська правда повикувајќи се на „извори блиски на Зеленски“.