Руски претприемач објави дека е сопственик на „Палатата на Путин“

Во саботата, една седмица по објавувањето на документарниот филм „Палатата на Путин“ рускиот бизнисмен Аркадиј Ротенберг тврди дека тој го поседува луксузниот недвижен имот. „Веќе не е тајна”, објави тој на комуникациската апликација Telegram.

Претприемачот Аркадиј Ротенберг е корисник на недовршениот објект во ртот Идокопас во Геленџик, изјави во саботата за агенцијата ТАСС претставник на бизнисменот.

Ротенберг, кој во 2019 година ја продаде компанијата за изградба на гасоводи  „Стројгазмонтаж“ за износот што се проценува на 990 милиони долари, рече дека ја купил палатата пред две години.

Ротенберг е близок доверлив човек и поранешен партнер во џудо на претседателот Владимир Путин. Овој 69-годишник се смета за еден од најбогатите луѓе во Русија. Исто така, е на списокот на Русите санкционирани од Западот по војната во источна Украина, потсетува германската службена новинска агенција DPA.

Во понеделникот, Путин негираше дека имотот му припаѓа нему или на неговите блиски роднини. Следниот ден Кремљ објави дека претприемачи, за чиј идентитет рече дека им е познат но оти нема право да го открива, се сопственици на имотот и објектот.

Ротенберг раскажа за замокот на Telegram. „Тоа е дар од рајот. Местото е прекрасно”, забележа тој.

Од прес-службата на Ротенберг за руската приватна агенција Интерфакс изјавија дека во тек е изградба на хотел на локацијата. Имотот, вклучувајќи го и дворецот, е речиси  40 пати поголем од Монако, според истрагата на рускиот дисиденте Алексеј Навални и него го користи рускиот претседател Владимир Путин, кој наводно го стекнал со назначени лица. Според лидерот на опозицијата, сопственичката структура е намерно маскирана.

Видеото е прегледано над 103 милиони пати на YouTube и го стави Кремљ под притисок. Од Кремљ, одговорија дека станува збор за конструкција, а дека рускиот претседател нема никаква сопственичка поврзаност со имотот. Освен затворањето на Навални, филмот е уште една причина за масовните протести во Русија минатиот викенд и тие што се најавуваат.