Руски ракетен напад врз логистиката на украинската војска

Руските ракетни напади во петокот биле насочени кон погоните од кои се снабдуваат украинските сили со гориво и муниција значително намалувајќи им ја можноста за маневрирање и изведување борбени дејствија, соопшти руското Министерство за одбрана во дневниот брифинг за медиумите.

„Вооружените сили на Руската Федерација извршија концентриран ракетен напад со високопрецизно оружје со долг дострел од воздух и од море врз претпријатијата кои ги снабдуваат украинските трупи со горива и муниција. Остварени се целите на ударите, сите одредени објекти се погодени“, соопштија од Москва.

Се оценува дека со овие удари било нарушено снабдувањето на украинските борбени групации во пошироката област Донбас, но истовремено се тврди дека „значително“ се намалиле украинските капацитети за производство на експлозиви, барит и тврдо ракетно гориво за повеќецевните ракетни лансирни системи на украинската армија.

Во редовниот дневен брифинг руската војска објавува податоци, кои не можат да се проверат од независни извори, за последици од директните судири на различни делови од боиштето, при што исто како и украинската страна, се посочуваат само загубите на непријателот.

Според Москва, така, во изминатото деноноќие, во борбите во областите на Доњецк, Харков, Запорожје и Луганск, загинале речиси 500 украински војници, биле уништени повеќе артилериски позиции вклучително и оние со системите HIMARS и М777 од американско производство и самоодни хаубици од украинско производство, биле соборени украински хеликоптер „М-8“ и најмалку три проектили со долг дострел…