Руски „Сухој“ случајно ја испушти муницијата врз пограничниот град Белгород

Руски борбен авион „Сухој Су-34“ случајно ја испуштил муницијата врз Белгород, град во непосредна близина на границата со Украина во четвртокот доцна вечерта, предизвикувајќи експлозија и оштетувајќи згради и возила, извести руската новинска агенција ТАСС, цитирајќи го Министерството за одбрана.

Локалните власти соопштија за  голема експлозија во градот веднаш преку границата со Украина. Регионалниот гувернер првично јави дека две жени се полесно повредени.

„Додека авионот Сухој Су-34 на воздухопловните сили летал над градот Белгород, дошло до случајно испуштање на авијациска муниција, го цитира ТАСС соопштението на Министерството за одбрана.

„Су-34“ е суперсоничен ловец-бомбардер. Веднаш не беше кажано за какво оружје станува збор. Министерството соопшти дека некои згради се оштетени и најави дека истрагата е во тек, наведува руската агенција

Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, објавувајќи вонредна состојба, на каналот Telegram изјави дека на една од главните улици има кратер од 20 метри, без да прецизира што го предизвикало. Оштетени се четири автомобили и четири станбени згради, но нема настрадани цивили додаде.

На видеата од местото на инцидентот споделувани на социјалните мрежи се забеележуваат купишта бетон на улицата, неколку оштетени автомобили и зграда со скршени стакла. На едно од видеата се гледа автомобил превртен на покривот на една продавница.

Регионот Белгород е еден од неколкуте делови на јужна Русија каде цели како што се складишта за гориво и муниција беа потресени од експлозии од почетокот на руската инвазија на Украина на 24-ти февруари 2022 година.