Рускиот амбасадор: Бесмислени се тврдењата дека руската разузнавачка служба се обидела да украде информации за развој на вакцина

Рускиот амбасадор во Велика Британија Андреј Келин денеска во интервју за Би-Би-Си го повтори ставот на официјална Москва дека се „бесмислени“ тврдењата дека руската разузнавачка служба се обидела да украде информации за подготовка на вакцина против новиот коронавирус.

Разузнавачките служби на САД, Велика Британија и Канада во четвртокот ја обвинија хакеркста група “APT29”, наречена и “Cozy Bear”, за која се верува дека е дел од руската разузнавачка служба, дека со злонамерен софтвер ги напаѓа академските и фармацевтските истражувачки институции вклучени во развојот на вакцина, но не објавија дали се украдени било какви корисни информации.

Ден подоцна, во петокот, Кремљ категорички ги отфрли таквите тврдења. Портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова го повика Лондон да изнесе докази, додека претставникот на Кремљ, Димитриј Песков предупреди дека обвинувањата „негативно ќе влијаат на билатерланите односи меѓу Русија и Велика Британија“.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Рааб, денеска повторно изрази целосна убеденост дека Москва е вмешана во компјутерски напади насочени кон кражба на податоци за истражување од развој на вакцина против коронавирусот.

– Апсолутно сме сигурни дека руските разузнавачки служби биле вклучени во компјутерскиот напад со цел саботажа или да ги искористат предностите од истражувањата и развој на вакцина. Во време кога светот се обединува да се обиде да го запре Ковид-19 и да бара глобално решение со развој на вакцина, сметам дека е скандалозно и разочарувачко за руската Влада да учествува во оваа активност, рече Рааб и додаде дека Лондон ќе побара сметка од Русија.