Српскиот претседател Александар Вучиќ има непобитни информации дека Западот поттикнува протести во земјата, изјави денеска рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, по средбата со Вучиќ, јавуваат српските медиуми.
„Опозицијата започна со протести кои се охрабруваат и поддржуваат однадвор. Вучиќ зборуваше за ова, не можам да навлегувам во детали бидејќи тоа е доверлива информација. Но, тој има непобитни докази дека поттикнувањето и поддршката доаѓаат од Запад“, рече Боцан-Харченко за телевизија Русија 24, пренесе РИА Новости.
Посочи дека протестите во Србија се организираат и се спроведуваат според принципите и технологиите на револуцијата на Мајдан, дека Западот има намера да ги доведе опозициските сили на власт во земјата, но нагласи дека никакви цели или шеми како Мајдан нема да поминат.
„Сите незадоволства и обиди да се разниша владеењето на Вучиќ се, пред сè, поврзани со неговиот цврст став за непочитување на антируските санкции“, рече Боцан-Харченко.
Тој посочи дека на денешната средба со Вучиќ не се разговарало само за протестите на опозицијата во Белград, туку и за билатералната соработка меѓу Русија и Србија.
По средбата Вучиќ изјави дека со Боцан-Харченко размениле мислења и за билатералните односи, за состојбите во регионот и за актуелните геополитички настани.
„На амбасадорот му ја пренесов желбата нашите два народа да ги дочекаат претстојните празници и Новата година во мир и благосостојба“, рече Вучиќ.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ вчера во гостување на телевизија Пинк јавно им се заблагодари на руските безбедносни служби за тоа што споделиле информации со српските колеги дека се подготвуваат немири по изборите.
„Ова веројатно нема да биде популарно кај оние од Западот, но особено вечерва чувствувам дека е важно да се брани Србија и да им се заблагодарам на руските безбедносни служби кои ги имаа овие информации и ги споделија со нас“, рече Брнабиќ.
Претходно денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова оцени дека Западот се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во Србија користејќи техники како на (киевскиот плоштад) Мајдан во превратот од 2014 година во Украина.