Бруто домашниот производ (БДП) на Русија беше четири отсто поголем на крајот од 2024 година благодарение на преработувачката индустрија, изјави во вторникот премиерот Михаил Мишустин, пренесува агенцијата ТАСС.
„Растот на БДП-то изнесуваше кон крајот на 2024 година околу четири отсто, благодарение на високата потрошувачка активност“, ја наведе рускиот премиер прелиминарната проценка на Министерството за економски развој.
„Главниот двигател на растот беше преработувачката индустрија, која забележа раст од осум отсто, посилно од првичните прогнози“, посочи премиерот Мишустин.
Уделот на додадена вредност во тој сектор е многу поголем отколку во продажбата на суровини и, според неговите зборови, претставува „доказ дека руската економија сѐ повеќе се фокусира на технологијата“.
„Важно е да се продолжи и да се зајакне овој тренд во наредните години“, додаде Мишустин.
Во 2023 година руската економија порасна за 3,6 отсто.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во јануари процени дека рускиот БДП пораснал за 3,8 отсто минатата година, по растот од 3,6 отсто во 2023 година. Оваа година, според нивните проценки, растот би требало значително да забави на 1,4 отсто.