Рускиот министер за одбрана на годишнината од ослободувањето на Белград

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ќе присуствува во петокот 20-ти октомври на свеченоста по повод денот на ослободувањето на српската престолнина Белград во Втората светска војна и демонстрацијата на оперативните способности на Војската на Србија под назив „Слобода 2017“, соопшти Министерството за одбрана на Србија.

На белградскиот аеродром „Никола Тесла“ на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, ќе му биде приреден свечен дочек, а подоцна ќе има состанок со српскиот колега, Александар Вулин.

Иако сѐ уште нема официјална потврда, според сознанијата на белградските медиуми, Шојгу ќе се сретне и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Шпјгу, според медиумските најави, покрај протоколарното полагање на венец на споменикот на ослободителот на Белгради споменикот на советскиот војни на Новите гробишта, побарал од домаќините да му овозможат и посета на храмот Свети Сава и разговор со патријархот на Српската православна црква – Иринеј.

Посетата на рускиот министер за одбрана на Белград доаѓа само две седмици откако од Русија во Србија беа допремени последните два од вкупно шесте млазни ловци од типот „МИГ-29“. Испораката се случи два дена порано откако што беше планирано, со што е комплетиран договорот пакет руска донација за којашто Србија ќе плати 180 милиони евра.

Тоа е сумата на којашто е проценет ремонтот и модернизацијата на вкупно десет авиони „МиГ“, четири колку што досега ги поседуваше военото воздухопловство на Србија, и шесте испорачани во текот на оваа седмица. Авионите во Белград беа донесени со гигантскиот транспортен авион „Ан-124 Руслан“

Првата двојка „МиГ“-ови пристигна во Србија на 3-ти октомври, следниот ден беа испорачани уште два и на 5-ти октомври последните два од пакетот договорен во декември минатата 2016 година, кога беше најавено дека Москва ќе му подари на Белград шест користени авиони од типот „МиГ-29“.

Тогаш беше проценето дека модернизацијата ќе чини меѓу 180 и 230 милиони евра, а тогашниот српски премиер Александар Вучиќ појасни дека Србија купувањето на таквите авиони, надвор од договорениот руско-српски воен аранжман, би ја чинело 600 милиони евра. Инаку, ова е прва набавка на борбенби авиони на Србија уште од 1987 година.

Шесте новонабвени авиони „МиГ-29“ ќе бидат претставени на свеченоста по повод денот на ослободувањето на Белград на 20-ти октомври, на која ќе присуствува и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, по што „МиГ“-овите во воздухопловно-техничкиот завод „Мома Станојловиќ“ ќе бидат подвргнати на детален ремонт и модернизација до таканареченото „четири плус поколение“ борбени авиони.

Србија како поддршка од Русија, покрај шест „МиГ-29“, ќе добие и 30 тенкови „Т-72“ и 30 борбени извидувачко-патролни возила „БРДМ-2“. Притоа модернизацијата на вионите ќе се одвива во три етапи.

Меѓу Белград и Москва, исто така, се разгледува и прашањето за набавка на ракетните системи „Бук-М1“, „Бук-М2“ и против авионискиот и ракетен комплекс „Тунигуска“. Во 2018 година осум авиони од типот „МиГ-29“ и два баталјони од ракетните системи „Бук“ ќе ѝ бидат предадени на Србија и од Белорусија, со клаузула Беград сам да го плати нивниот ремонт и модернизацијата.