Патријархот на Руската Православна Црква Кирил денес се упати во Јужна Америка каде ќе оствари историска средба со Папата Франциско. На средбата ќе се разговара за прогонот на христијаните во конфликтните подрачја, а особено на Средниот Исток, јавува „Раша Тудеј“.
Средбата ќе се одржи на аеродромот во Хавана, а ќе трае онолку колку што ќе биде потребно за да се донесе заедничка декларација.
Поради вкрстувањето на патиштата оваа средба можеше да биде организирана, изјави Митрополитот Иларион, кој е на чело на оддрлот за надворешни работи на Руската Православна Црква.
На Москва и Ватикан им беа потребни 20 години за да се согласат за средба на неутрален терен кој би бил погоден за таква средба. Помеѓу местата за средба се споменуваа и Австрија и Унгарија, но на крај сепак беше договорено средбата да се одржи во Куба.
Средбата помеѓу главните претставници на двете најголеми христијански цркви ќе биде историски чекор за приближување на Западната и Источната Црква од времето на поделбата во 1054-тата година.