Патријархот московски и на цела Русија Кирил, ќе допатува во саботата во тридневна посета на Албанија, на покана на Албанската афтокефална православна црква, чиј поглавар Анастас Јанулатос ја оценува како историска.
Поради посетата, преземени се засилени безбедносни мерки од страна на Министертвото за внатрешни работи и албанската тајна служба (ШИШ), а за неговата безбедност ќе се грижи и руско обезбедување, кое е секогаш во придружба на патријархот.
Според протоколот што го објави ААПЦ, поглаварот Јанулатос, во придружба на членовите на Светиот архиерејски аинод, ќе ја пречека руската црковна делегација на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана, а потоа ќе биде одржана литургија во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана.
Во недела двајцата поглавари ќе чиноначалствуваат со утрената литургија во истиот храм, во сослужение на свештеници од двете цркви. Подоцна, ААПЦ ќе биде домаќин на официјалниот ручек во хотелот „МАК Албани“.
Во попладневните часови, во 18 часот, ќе биде организирана културна прослава во Културниот центар на соборниот храм „Воскресение Христово“, а ќе биде промовирана книгата „До краиштата на земјата“ на поглаварот Јанулатос на руски јазик.
Вечерта, претседателот Илир Мета ќе организира официјална вечера во „Палатата на бригадите“.
Во понеделник Патријархот Кирил ќе има официјални средби со претседателот Мета и со премиерот Еди Рама, а пред заминување ќе го посети и новиот манастир „Св. Влаш“ во близина на Драч и Теолошката православна академија која се наоѓа во кругот на манастирот.
„Оваа, прва историска посета е од посебна важност, бидејќи и двете цркви преживеаја жестоко комунистичко-атеистичко прогонство. Рускиот патријарх е многу значајна личност, која се вбројува на исто ниво со светските лидери и верски поглавари, како што е папата и вселенскиот патријарх“, констатираат албанските медиуми.
Поглаварот на ААПЦ, Јанулатос во посета на руската православна црква беше во 1999 година, а двајцата великодостојници ги врзува пет децениско пријателство.
Од Руската православна црква Јанулатос е одликуван со признанието „За посебен придонес во зацврстување на единството на православието“ во 2008 година.