Руските и проруските сили влегоа во Лисичанск

Лисичанск © Scott Olson/Getty Images

Припадниците на силите на сепаратистичката проруска ткн Народна Република Луганск заедно со руските единици се борат во урбаната област на Лисичанск и се водат борби со украинските сили утврдени во фабрички комплекс, објави во саботата Андреј Марочко, еден од воените лидери на сепаратистите.

Станува збор за стратешки град со важна географска , и со заземањето на Северодоњецк и Лисичанск ќе им се отвори патот на сепаратистите и руските војска кон градовите Славјанск и Краматорск.

Лисичанск и блискиот Северодоњецк од мај се во фокусот на руската офанзива во источниот регион Донбас, област којашто проруските сепаратисти и руските војски речиси целосно ја контролираат во нејзините административни граници од пред превратот во Киев во 2014 година и избувнувањето на граѓанската војна.

„Народната милиција на НРЛ и сојузничките сили на Руската Федерација влегоа во Лисичанск. Сега борбите веќе се водат во урбаните средини. Во моментов веќе е заземен рудникот, кој се наоѓа на територијата на Лисичанск, а нашите единици влегоа и во ткн желатинска фабрика“, рекол Марочко за агенцијата ТАСС.

Друг извор од сператистичките сили во Луганск за агенцијата претходно изјавил дека проруските сили напредуваат во Лисичанск во чистењето од остатоците на украинските единици.

„Продолжува настапувањето во Лисичанск. Борбите веќе се водат во населбата. Прерано е да се каже кој дел од градот веќе е под наша контрола, но движењето на заедничките сили внатре во градот е доста активно“, рекол неименуваниот соговорник на ТАСС.

Претходно политички функционер од самопрогласената Народна Република Луганск, Виталиј Кисељев изјавил дека украинските сили во помали групи се обидуваат да го пробијат обрачот во близина на Лисичанск, но дека сите такви обиди биле запрени. Според процените на Кисељев, околу 4.500 украински борци, меѓу кои регуларни војници, припадници на ултрадесничакрските движења и странски платеници, се опколени во ткн „котел“ во Лисичанск.

.