Во ракетен напад на локација на која биле сместени странски борци во Черноморск, близу големиот пристанишен град Одеса, според првичните сознанија загинале дваесеттина странски платеници, пишува руската новинска агенција РИА повикувајќи се на претставник на координаторот на руските и проруски групации во Николската областа, на териториите кои се под контрола на Киев, кој се повикува на информации од Одеса.
„Вчера, 4-ти јули, во 16.40 часот по локално време во Черноморск (поранешен Иличевск) беше гаѓана новата административна зграда на морското пристаниште. Познато е дека во зградата се наоѓаа странски воен персонал. Тешко е да се каже од кои земји, пристигнаа буквално неколку часа пред ударот“, изјавил Сергеј Лебедев, координатор на руското движење од областа која е под контрола на украинската војска.
Притоа РИА објави фотографија од уништена двокатна зграда, за која Лебедев тврди дека е објектот во кој наводно биле сместени странските борци.
Информацијата е невозможно да се провери од независни извори. Во четвртокот украинските медиуми известија за руски ракетен удар во споменатиот град, но не беа објавени други поединости.
Но според Лебедев, во објектот на управата ан пристаништето пристигнала тешка борбена опрема и гранати заедно со странските војници, што било уништено во вториот ракетен удар. Уште еден удар уништил паркинг со камиони кои превезувале оружје и муниција за украинските сили.
Според проценките на проруските активисти во Одеса, во овој удар наводно загинале 18 борци а околу уште 30 биле ранети. Тие известиле и дека по уништувањето на зградата, припадници на украинското разузнавање заедно со лица кои зборувале на англиски јазик ги одземале паметните телефони на пристанишните работници.
„По ударот започна темелна проверка на сите пристанишни работници во оваа област. Не само СБУ (Службата за безбедност на Украина), туку и припадници на странски служби учествуваат во проверките. Според нашата агентура, тие што проверувале зборувале англиски јазик“, рекол Лебедев.
Според него, руските напади врз воени и инфраструктурни цели во Одеската област продолжиле и ноќта кон петокот. Притоа, наводно, биле погодени пристанишни магацини за одбрана како и центар за обука во кој британски инструктори ги обучуваат украинските диверзанти за напади врз руски подморници. Лебедев рекол дека се смета дека во истата област постои и база од поморски дронови (автономно управувани чамци) со кои се вршат напади врз руските цели на црноморскиот полуостров Крим.