Руските политичари го поздравија резултатот од турскиот референдум но и предупредуваат

Највисоките руски политичари генерално во понеделникот ги поздравија резултатите од турскиот референдум на кој во неделата со тесно мнозинство победија поборниците за уставните реформи со коишто му се зголемуваат овластувањата на турскиот претседател, поради што некои од нив и предупредуваат.

„Одржаниот референдум е суверена работа на Турската Република. Сметаме дека сите треба да го почитуваат изразувањето на волјата на турскиот народ“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков пренесе агенцијата РИА.

Изминатите месеци Турција и Русија забрзано работат на обновувањето на меѓусебните односи, остро прекинати и доведен и до работ на ескалација откако кон крајот на 2015 година турски ловец собори руски бомбардер на сириско-турската граница.

По наметнувањето на руското ембарго и заладувањето на дипломатските односи и острите обвинувања од Москва, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган испрати писмо со извинување до рускиот колега по должност Владимир Путин, по што дојде до затоплување на односите.

Покрај тоа, по неуспешниот удар за воен преврат од 15 јули 2016 година, официјална Анкара објави дека еден од предводниците на заговорниците ја издал наредбата за намерното соборување на рускиот авион.

Путин минатата седмица уште еднаш разговараше со Ердоган за конфликтот во Сирија. Двете земји во овој судир поддржуваат различни страни, но од крајот на минатата година преземаа иницијатива за одржување на примирјето коешто според нивниот договор го спроведуваат на теренот силите на владата на претседателот Башар ал-Асад и сунутските опозициски бунтовници.

Еден од повлијателните руски пратеници претходно предупреди дека Ердоган ќе се соочи со посилен отпор дома, доколку резултатот од референдумот биде тесен. Неговата владејачката Партија на правото и развојот (AKP) очигледно потфрли и нејзините најголеми поддржувачи се разочарани со освоените малку над 51 отсто од гласовите, односно поради наместо јасна и недвосмислена победа се открива дека нацијата е длабоко поделена.

„Ердоган ќе мора да се справува со отпорот на влијателните противници кои веќе се обидоа да извршат пуч. Фактот дека Ердоган го разгледува враќањето на смртната казна ја покажува сериозноста на неговите намери“, напиша на Facebook, Константин Косачев, претседател на комисијата за надворешна политика на горниот дом на рускиот парламент.

Светските агенции, кои ги пренесуваат критиките на проширувањата на овластувањата на претседателот Ердоган кои претежно доаѓаат од западноевропските челници, одбележуваат дека на Турција честитки по повод референдумот ѝ испратил и претседателот на Белорусија, Александр Лукашенко, при што истакнуваат дека самиот тој на функцијата е повеќе од две децении.

„Турскиот народ ги поддржа напорите на актуелните власти да обезбедат економски раст и политичка стабилност на земјата“, напишал Лукашенко.