Руските претседателски избори можно е да се одржат и во новите региони

Одржувањето претседателски избори во март 2024 година во новите региони на Русија е „можно“, објави во понеделникот Централната изборна комисија на земјата.

Изгледите за одржување избори во регионите Запорожје и Херсон, како и Народните републики Донецк и Луганск се посочени од претставниците на самата комисија, Министерството за одбрана, Федералната служба за безбедност (ФСБ) и локалните власти на четирите региони.

„Сите страни на консултациите сметаат дека е можно да се одржат претседателски избори на териториите на овие конститутивни ентитети на Руската Федерација“, се вели во соопштението на Комисијата.

Четирите територии беа интегрирани во Русија минатата есен, по  одделно одржаните референдуми. Набргу по гласањето, новите територии, кои се на сцена на непријателствата меѓу Русија и Украина, беа ставени во воена состојба.

Според руското законодавство, одржувањето на изборите е суспендирано во изборните единици каде што е прогласена воената состојба, но сепак Централната изборна комисија е способна да овозможи гласање доколку смета дека тоа е можно.

Регионите во моментов се само под делумна контрола на Русија, а само територијата на ЛНР е речиси целосно ослободена од украинските сили. Силите на Киев сè уште имаат контрола врз значителен дел од ДНР, како и врз Запорожје и Херсон.

Претстојните претседателски избори ќе се одржат во период од три дена од 15 до 17 март. Продолжениот повеќедневен формат се користи и на други избори во Русија откако за првпат беше воведен за време на пандемијата на Ковид-19. Рускиот претседател Владимир Путин веќе ја објави својата намера да бара реизбор, давајќи ја изјавата за ова прашање минатата недела кога беше домаќин на истакнати војници во Кремљ за да им додели медали – Херој на Русија.