Руските рафинерии за нафта се легитимна цел, вели Украина

Украинскиот вицепремиер во петокот рече дека руските рафинерии за нафта се легитимни цели на украинските напади, по медиумските извештаи дека САД побарале од Киев да ги запре нападите со беспилотни летала врз руските рафинерии.

Украина ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура овој месец, изведувајќи бројни напади со беспилотни летала со долг дострел врз најголемите руски рафинерии, принудувајќи некои од нив во пограничните области привремено да го прекинат производството.

„Ги разбираме повиците на американските партнери, но во исто време се бориме со капацитетите, ресурсите и практиките што ги имаме“, рече Олха Стефанишина на безбедносниот форум во Киев.

Таа рече дека енергетската инфраструктура на Русија е легитимна цел од воена гледна точка.

Весникот Financial Times  претходно во петокот цитираше извори запознаени со ова прашање дека Вашингтон побарал од Киев да ги прекине нападите, предупредувајќи на ризикот од предизвикување одмазда и зголемување на цените на нафтата на светските пазари.

Нападите, покрај влијанијата на низа гобални фактори на нафтените пазари, придонесоа за раст на цената на нафтата, која порасна за речиси 4 отсто откако Украина нападна голема нафтена рафинерија на 12-ти март.

Инвеститорите проценуваат дека украинските напади врз руските рафинерии би можеле да го ограничат снабдувањето. Според пресметките на Reuters, тие досега блокирале 7 отсто од капацитетот за рафинирање на Русија, или околу 370.500 барели дневно. Доколку тоа продолжи, руските производители би можеле да бидат принудени да ја намалат понудата поради проблеми со извозот и ограничениот простор за складирање, шпекулираат аналитичарите.