Руските сили погодиле центар за тенковска обука во Харков, тврди Лебедев

Руската војска извршила удар врз центар за тенковска обука во Харков, на истокот на Украина, изјави за руските медиуми Сергеј Лебедев, координаторот на руските власти во блискиот Николаевски регион, повикувајќи се на жители на втор по големина украински град во кој живее и значително руско население.

„Под удар (на руските сили) бил тенковскиот центар… во Харков. Според информациите, пред неколку дена таму биле донесени странски тенкови со странски воени инструктори“, рекол Лебедев.

Украинските власти претходно во четвртокот соопштија дека во руски напад со беспилотни летала на станбени згради рано во четвртокот во Харков загинале пет лица, вклучително и спасувачите кои пристигнаа на местото на настанот, соопштија официјални лица.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, на Telegram напиша дека четири лица загинале на местото на нападот, од кои тројца биле спасувачи кои загинале во новиот напад. Повредени се пет лица. Петтото лице е убиено во напад на приватни куќи во друг дел на градот, додаде Терехов.

Регионалниот гувернер на Харков, Олех Синехубов, напиша на Telegram дека најмалку четири удари го погодиле градот. Харков е честа мета на напади на руски беспилотни летала и ракети. Според медиумите, украинската војска ги утврдува и засилува своите позициите во Харков и околината очекувајќи руска офанзива на градот.

Лебедев за руската новинска агенција РИА потврдил дека имало два напада на руските сили насочени на две приградски населби кај Харков.

Претходно била погодена трафостаницата, по што снема струја во градот. Но, руските доушници од Харков известуваат дека тролејбусите повторно се ставени во функција.

Руската војска ја нападнала и зградата на полицискиот оддел во Харков.

„Локалните канали покажуваат оштетување на соседна станбена зграда, но не ја покажаа зградата на полициската управа. Возила на Брза помош се упатиле таму, но не ги вклучиле ротациските светла, туку само сирените. Според првичните податоци, околу 15 загинати и повеќе од 20 ранети. Во моментов нема пристап таму, сè е блокирано“, тврди Лебедев.

Освен тоа, на удар беше и Машинската фабрика „Мерефа“ во градот Мерефа, во близина на Харков. Во претпријатието, според разузнавачките информации, биле произведени и складирани беспилотни летала кои Украина ги користи за удари длабоко на територијата на Русија.

Лебедев додава дека фабриката се граничи со железничката станица. Во моментот на ударот, според руските информации, таму се истоварувал воз со воена опрема, муниција и жива сила на Вооружените сили на Украина, а поради детонација во фабриката оштетена била и железничката композиција.