Руските сили уништија поголем дел од воената опрема и вооружување коишто западните земји, во прв ред членките на НАТО го испорачаа во Украина, објави во понеделникот руската Служба за внатрешно разузнавање (СВР).
Притоа руското разузнавање прави спецификација на видовите оружја, коишто според нивните податоци во Украина од земјите на НАТО започнале да се испорачуваат уште во декември 2021 година, три месеца пред почетокот на руската инвазија во соседната земја.
„СВР (…) располага со информации дека во периодот на агресијата против Русија од декември 2021 година, земјите од НАТО на вооружените сили на Украина им доставиле 1.170 системи за воздушна одбрана, 440 тенкови, 1.510 оклопни борбени пешадиски возила, 655 артилериски системи…“, го цитираат руските агенции извештајот.
Покрај тоа, Киев во истиот период добил од своите западни сојузници 9.800 проектили за повеќецевните ракетни лансери, 609.000 противтенковски гранати и 1,206 милиони други видови гранати.
Објавата од Москва доаѓа во периодот кога челниците на западните сојузници на Украина истовремено со извештаите за намалување на сопствените залихи муниција кои се пополнуваат со набавки од трети земји, како Јужна Кореја и Пакистан, инсистираат на засилено производство на нивните национални воени комплекси.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во саботата на Минхенската безбедносна конференција рече дека ЕУ може да биде партнер со воената индустрија за да го зголеми производството на муниција за Украина и да ги обнови сопствените резерви.
Испораката огромни количества муниција во Украина предизвика загриженост кај некои членки на ЕУ дека би можеле да останат без залихи. Собрани во главниот град на Баварија, западните челници изминатиот викенд најавија интензивирање на воената помош за Украина, вклучувајќи муниција и оружје, особено тенкови за коишто, пак, британски Times процени дека до април би можеле да стасаат помалку од четвртина од ветените 320 модерни западни тенкови.