Руските спортисти „не се добредојдени“ на Олимпијадата, вели градоначалничката на Париз

Градоначалничката на Париз го повтори нејзиниот став за руските и белоруските натпреварувачи да се држат настрана од Олимписките игри летово во француската престолнина, и покрај тоа што официјално им беше дозволено да се натпреваруваат како неутрални.

„Сакам да им кажам на руските и белоруските спортисти дека не се добредојдени во Париз“, им рече Ане Идалго на украинските спортисти во тренинг центар во Киев во четвртокот, додека беше во посета на Украина.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) првично се заложи за целосна забрана на натпреварувачите од Русија и Белорусија по избувнувањето на украинскиот конфликт во февруари 2022 година. Сепак, минатиот декември МОК донесе одлука дека ограничен број луѓе од двете земји може да учествуваат како „индивидуални неутрални спортисти“.

Идалго изјави за Ројтерс претходно овој месец дека би сакала руските и белоруските натпреварувачи воопшто да не дојдат.

„Не можеме да се однесуваме како руската воена операција во Украина да не постои“, изјави таа за Ројтерс.

На прашањето за учеството на Израел на Олимпијадата – во контекст на војната во Газа, која беснее по нападот на Хамас на 7 октомври – Идалго инсистираше на тоа дека не треба да се прави споредба.

Санкционирањето на израелските спортисти „не доаѓа предвид бидејќи Израел е демократска држава“, рече таа.

Русија остро ја критикуваше разликата на МОК во пристапот кон израелските и руските натпреварувачи. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини швајцарското тело за „политички активизам“ и го нарече неговиот пристап самодискрредитирање.

Максималниот број на руски и белоруски спортисти кои можат да се квалификуваат за претстојните игри се 55 и 28. МОК забележа дека тимовите најверојатно нема да ја исполнат квотата, со 36 руски и 22 белоруски спортисти кои се очекува да стигнат на Олимпијадата, според директорот на МОК Џејмс Меклод.

Учесниците од двете држави можат да се натпреваруваат само во поединечни, а не екипни спортови, под неутрално знаме и им е забрането да учествуваат на церемонијата на отворање на Олимпијадата.

Коментирајќи ги ограничувањата со кои се соочуваат руските и белоруските натпреварувачи, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека потегот „ги уништува олимписките идеали и ги дискриминира интересите на олимпијците“. Ваквите ограничувања се „апсолутно спротивни на целата идеологија на олимпиското движење“, рече тој.

Москва потенцијално би можела да бојкотира одредени француски стоки, предупреди во неделата портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, по изјавата на  Идалго.

„Дали мислите дека можеби треба да земеме некои француски производи кои сега се широко застапени во Русија и да објавиме дека „нема да бидат добредојдени“?, напиоша Марија Захарова на Телеграм.

Одговарајќи на забалешките на градоначалничката, Захарова истакна дека Русија има „огромен избор на производи што може да се користат за замена на голем број француски производи“.

Таа предвиде дека доколку во Париз се направат дополнителни изјави од тој вид, „претставниците на францускиот бизнис ќе упаднат во париското градско собрание, следејќи ги фармерите“.