Руско стампедо во Белград, станови се купуваат во кеш, земјотрес на пазарот

Недолго по почетокот на војната во Украина, руските граѓани масовно почнаа да одат во Белград. Нивната многу подобра платежна моќ од просечниот граѓанин на Србија предизвика тектонски земјотрес на пазарот на недвижности: скокнаа цените на кириите, но и на квадратите за купување стан. Нов проблем може да се појави по последната одлука на Владимир Путин за делумна мобилизација на населението, пишува српска Нова.

Иако експертите за недвижности велат дека сѐ уште е рано да се даваат проценки, но дека имаат неофицијални информации за голем број руски државјани што од среда доаѓаат во Србија, сопствениците на приватни имоти веќе сега ја увидуваат разликата.

Една од менаџерките задолжени за издавање на синџир приватни станови во белградската општина Вожодвац вели дека становите се издаваат на периоди подолги од шест месеци.

„Тоа е показател дека не сакаат толку брзо да се вратат таму“, вели таа.

Во зависност од големината на овие станови, ценовниот опсег е од 25 евра за најмал до 120 евра за оној со најголема квадратура.

„Генерално се одлучуваат за оние каде што ноќта во просек чини 60 евра, но секогаш постои опција букингот да ви даде мал попуст“, вели соговорничката на Нова.

Таа наведува дека синоќа ѝ дошол млад Русин што има 27 години.

„Стигна со сопругата, за малку ќе заплачеше. Работи како ИТ-експерт, ќе остане повеќе од шест месеци“, вели таа додавајќи дека во тоа време немало слободни станови и дека гостите решиле да чекаат во хотел во центарот на градот.

Посочува и дека во изминатите два дена патниците од Русија доаѓаат претежно со ноќни летови и до становите пристигнуваат многу доцна.

„Не знам што да ви кажам. Сите се прилично очајни и исплашени“, вели соговорничката на Нова, додавајќи дека цените не се сменети од последното „големо доаѓање“ на Русите.

„Навалицата е толку голема што оваа последнава уште не сме ја почувствувале“

Напливот на руски граѓани не престанува од март, вели сопственик на друга агенција.

„Русите сочинуваат најголем дел од побарувачката за станови, не само во Белград, туку и во Нови Сад. Она што е важно да се подвлече е дека тие навистина влијаеја да поскапат закупите и квадратот бидејќи им се брза и имаат повеќе пари од нашите клиенти“, вели тој и додава дека интересот е толку голем што овој последен пик по најавената мобилизација не се ни почувствувал.

Тој наведува дека има неофицијални информации дека особено е зголемен интересот за купување станови и дека се работи за „купување во кеш“.

„Додека бројот на кредитните купувачи е намален, руските граѓани сѐ уште се тука и ќе влијаат цената да остане на високо ниво“, вели соговорникот на Нова.

Билетот до Белград чини вртоглави 10.000 евра

Би се рекло дека воздухопловната индустрија не памети ден како оној во кој беше прогласена мобилизацијата – тричасовен лет во економска класа по цена од речиси 10.000 евра, вели Нова. Толку морале да платат оние што решија да ја напуштат Русија по најавата на Путин за делумна мобилизација.

„Цената на билетот зависи од многу фактори – во кој момент е купен билетот, од капацитетот на летот на одредена релација, така што има многу фактори што просечниот потрошувач не ги ни гледа. Сигурно е дека постои голем интерес за летови од Русија, со оглед на тоа што летаат само неколку превозници, а тие летови веројатно и претходно биле доста полни. Сега, се разбира, луѓето навалија да ја напуштат земјата, но од Русија постојано заминуваат луѓе“, вели Јелена Банац, експертка во воздухопловната индустрија, пренесува Нова.