Истрагата за случајот „Рекет“ е завршена, но само во делот поврзан со случајот „Империја“, а сѐ уште се истражува пак дали Бојан Јовановски – Боки 13-ка ги рекетирал бизнисмените преку неговата невладина организација Меѓународен сојуз, пренесе телевизија Телма повикувајќи се обвинителката Вилма Русковска.
Истрагата за случајот „Рекет“ беше отворена по пријавата на бизнисменот Орце Камчев дека му биле земени милион и пол евра, од вкупно бараните осум милиони евра, за да се издејствуваат олеснителни околности во случајот „Империја“, кој го водешсе Специјалното јавно обвинилтество. За тоа е осомничена и специјалната обвинителка Катица Јанева, која во вторник по вторпат ќа даде исказ, откако еднаш веќе беше повикана, но тогаш како сведок.
За тоа дали се рекетирало и преку невладината Меѓународен сојуз засега сѐ уште се истражува. Таму имаше сомнежи дека бизнисменот Силјан Мицевски бил принуден да плати 720 илјади евра за наводен проект кој никогаш не бил реализиран, но тој подоцна пред медиумите тврдеше дека тоа го сторил доброволно.
Претходно во понеделникот Бојан Јовановски од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари затворска полиција го донесе во Обвинителството за организиран криминал. Требаше, но не даде исказ пред обвинителката Вилма Рускоска за случајот „Рекет“. Ниту Боки 13-ка ниту неговиот адвокат не ги виделе доказите против него. Обвинителството им дало решение дека истрагата е завршена.
„И после сите преземени дејствија од страна на обвинителството тој е денес за прв пат викнат да даде исказ во обвинителството. И тоа би било во ред, но не е во ред во истиот момент кога немате поим за каков доказ се обвинувате кои се основите за сомневање, кои се доказите против вас, да ви се дава известие за завршена истрага, во исти момент, тоа е ова известие“, рече адвокатот Сашо Дуковски.
Дуковски објасни дека е преседан на завршена истрага без увид во доказите на обвинителството, да се бара осомничен да даде исказ.
„Не гледаме ние на кристална кугла кои се доказите кои што стојат против осомничениот. Така што денеска не дадовме изјава од разбирливи причини, а тие се едни и единствени зашто немаме увид во доказите“, додава Дуковски.
Дуковски предупреди дека, Боки 13 е со сериозно нарушено здравје по операцијата за намалување на желудникот.
„Нон стоп повраќа. Нека се смеат, мислам владетелите на правото кога велат дека е труден, па затоа повраќа. Значи нон стоп повраќа, нон стоп паѓа“, вели Дуковски.
Од среда па во наредните петнаесетина дена, одбраната ќе види со какви докази располага Вилма Рускоска против Боки 13. Од кога ќе се запознаат со материјалите, Боки 13 ќе даде исказ за „Рекет“.