Рускоска води истрага за Јанева за бонусите во СЈО

Јавната обвинителка во случајот „Рекет“, Вилма Рускоска за Република потврди дека против Катица Јанева се води уште еден случај кој е во предистражна постапка за делењето бонуси во СЈО.

„Ако се докаже дека има дело ќе се покрене обвинение“, потврди Рускоска за Република.

Преку базата „Отворени финансии“, јавноста дозна дека обвинителите во СЈО земале бонуси за доверливост за слушнатото во т.н. „бомби“ од прислушуваните разговори. Најмногу пари, според алатката, за изминатите четири години легнале на сметка на обвинителката Катица Јанева (157.000 евра). Останатите суми во топ 6 се движат меѓу 70.000 и 107.000 евра што е неколкукратно повеќе од основната плата на обвинителите.

Катица Јанева останува во домашен притвор, се до правосилност на пресудата, на која сега, осудената има право на жалба. И прво обвинетиот во случајот „Рекет“ Боки 13 останува во затворот Шутка, одлучи судечкиот совет и судијката Васка Николовска – Масевска, по предлог на адвокатите на обвинетите.

Судот на Боки 13 денеска му изрече казна затвор од девет години, а на второобвинетата Катица Јанева затворска казна од седум години.