Руското ембарго би можело Европа да ја чини 5 милијарди евра годишно

Руското ембарго на увоз на храна од Европа, како дел од одговорот на санкциите кои ЕУ ѝ ги наметна поради украинската криза, би можел Европа да ја чини пет милијарди евра годишно, се вели во интерниот документ кој на увид го добил Ројтерс.

Русија, кое е вториот најголем пазар за храна за ЕУ, по САД, на 6 август прогласи едногодишна забрана за увоз на европските овошје и зеленчук, млечни производи и месо, односно речиси половина од вкупниот извоз на храна од ЕУ во таа земја.

Големите извозници на овошје и зеленчук, како Полска и Холандија, веќе ги чувствуваат последиците од ембаргото и Европската комисија бара начини како на произведувачите да им ги компензира загубите и да најде нови пазари за нивните производи.

Германија, која беше предводничка во донесувањето на одлуката на ЕУ за санкциите кон Русија, исто така има проблеми како еден од најголемите извозници на месо и млечни производи.

„Вкупните рестрикции кои во моментов ги спроведува Русија би можеле да ја загрозат трговијата вредна пет милијарди евра“, се вели во документот кој денес ѝ бил претставен на Европската комисија во Брисел.

Вредноста на вкупниот извоз на храна од ЕУ во Русија минатата година изнесувала 11,8 милијарди евра, а производите на кои се однесува моменталното руско ембарго во таа сума учествувале со 5,1 милијарди евра, се истакнува во извештајот.

Министрите за земјоделство на земјите членки на ЕУ во петок ќе се сретнат во Брисел за да ги разгледаат можните одговори на руското ембарго на увозот на храна од ЕУ.