Руското МНР не гледа можност за стабилизирање на ситуацијата на Косово

Русија не гледа можност за долгорочно стабилизирање на ситуацијата на Косово и Метохија, поради поттикнувачката политика на САД и Европската унија, изјави рускиот заменик – министер за надворешни работи Александар Грушко.

„Нема изгледи за долгорочна стабилизација. Косовскиот лидер Курти, кој одржува тензии на теренот и ги протерува Србите, смета дека неговите шефови, Вашингтон и Брисел, дополнително ќе го зголемат притисокот врз Белград, барајќи признавање на регионот кој прогласи независност кршејќи ја резолуцијата 1244 на ОН“, соопшти Грушко.

Според него, „реакцијата на Западот на провокациите на Косово е бавна и непринципиелна“. „А тоа само го убедува Курти дека таквата тактика на крајот ќе донесе резултати“, заклучува Грушко.

Во селото Бањска, во општина Звечан на северот на Косово и Метохија, ноќта меѓу саботата и неделата имало судир меѓу група локални Срби и припадници на косовската полиција. Во таа прилика животот го загубија еден полицаец и тројца Срби од Косово. Владите на Србија и на Република Српска го прогласија 27 септември за Ден на жалост поради трагичните настани на Косово.