Руското производството на гас годинава се зголемило за 10 отсто

Производството на руски гас годинава би можело да се зголеми за десет отсто, изјави вицепремиерот Александар Новак, истакнувајќи дека извозот на течен гас (LNG) треба да достигне околу 35 милиони тони, со пренасочување на 30 до 40 отсто од испораките наменети за европскиот пазар.

„Очекуваме производството оваа година да се зголеми за 10 отсто во однос на лани. Бројката е многу солидна. Ќе произведеме 60 милијарди кубни метри гас повеќе од лани, покажуваат податоците за испораките на домашниот пазар и на извозните дестинации“, изјавил Новак во четвртокот, според извештајот на руската новинска агенција ТАСС.

Во периодот од јануари до август, според податоците на Државниот завод за статистика, Русија произвела 377 милијарди кубни метри гас, 10,7 отсто повеќе од лани.

Производството на нафта и кондензат годинава треба да изнесува од 515 до 521 милион тони, истакна Новак. Во 2023 година се произведени 531 милион тони нафта и кондензат, што значи дека треба да се намали за околу два до три отсто, забележува ТАСС.

До 2036 година, според целното сценарио во долгорочната енергетска стратегија, производството би можело да се зголеми на 540 милиони тони и да остане на тоа ниво до 2050 година, наведува руската новинска агенција.

Пренасочен извоз на LNG

Извозот на течен гас годинава треба да достигне околу 35 милиони тони, изјави Новак на маргините на Седмицата на руската енергија.

На почетокот од годината, потпретседателот на руската влада изјави дека извозот на LNG во 2023 година паднал за 1,9 отсто, на 45,4 милијарди кубни метри (32,4 милиони тони), пренесе ТАСС. Тоа би значело дека извозот на LNG годинава би бил за осум отсто поголем од ланскиот, пресметал Reuters.

Русија успеа да пренасочи околу 30 до 40 пратки LNG од Европа на други дестинации, истакна Новак во интервју за телевизијата Росија-24.

„Не сите, но тој дел е веќе делумно компензиран. Испораките на југ се зголемени, а ќе ги достигнеме максималните количини договорени со кинеските партнери во 2025 година за гасоводот Моќта на Сибир. Веќе пренасочивме околу 30 до 40 проценти на други дестинации“, посочил Новак.

Во периодот од јануари до август, Русија произвела 22,4 милиони тони LNG, 7,3 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година, соопшти заводот за статистика. Во 2023 година се произведени 32,9 милиони тони, ТАСС цитира податоци од заводот за статистика.