Русковска му одговори на Мицкоски: Невкусно е да се користат лични имиња во предизборна кампања

Како многу невкусно го оцени користењето лични имиња обвинителката Вилма Русковска, во врска со вчерашната прозивка од страна на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на „Граѓанскиот протест против неправдата“, посочи дека таа работи за лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.

-Мислам дека е многу невкусно лични имиња да се користат во предизборна кампања. Доколку кој било има замерка на моето постапување тоа треба да го пријави. Ако нема доверба во јавниот обвинител на Република Македонија, тогаш до Советот на јавните обвинители, рече Русковска во врска со вчерашниот говор на Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на протестот рече дека ниту денес, ниту утре кога граѓаните ќе им дадат мандат „нема на памет да ми падне да се мешам во судската власт, ниту да попречам правда за кого било“. потенцираше Мицкоски.

– Бараме покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев, кој се меша во обвинителски и судски постапки и одлуки на Врховниот суд. Истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност, рече Мицкоски.

Обвинителката денеска по завршувањето на рочиштето за  судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април одговараше и на новинарски прашања во врска со снимките кои пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски ги достави до неа, а за кои тои тврди дека се индиции за злоупотреба на службената должност на Заев.

-Значи, првата снимка што ја донесе Милошоски и оваа вчера што ја донесе се дадени на вештачење. Така што, го чекаме наодот на вештачењата. Исто така, Милошоски го замолив доколку може, нормално, да обезбеди некои сведоци кои би го поткрепиле тоа што е на снимката, и на едната и на другата, рече Русковска.

Нагласи дека тој од неа побарал да обезбеди снимки од кабинетот во Владата од цел мај минатата година, што рече дека е несериозно, „затоа што којзнае колку луѓе биле во кабинетот на тогашниот премиер за месец дена“.

-Доколку посочеше конкретен датум сигурно дека ќе се побараше снимка, додаде обвинителката.