Не се готови сите вештачења и анализи на колегите од Бугарија. Навистина нафтата многу тешко се пали. Но возможно е да имало многу искри, искричења, удира автобусот во десната, па во левата и пак во десната банкина и можно е да имало многу искричења, вели шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, во изјава за Утрински брифинг на Слободен печат.
Нагласи дека Обвинителството има навистина добра соработка со бугарските колеги.
„Таа соработка е од претходно, не само сега. Една од причините поради која јавниот обвинител ме зеде мене во Бугарија е што јас имав претходна добра соработка со бугарските колеги“, рече Русковска.
Истакна дека можно е случајот со запалениот автобус во кој загинаа 45 македонски граѓани да продолжи во Македонија.
„Во Основното јавно обвинителство Скопје се води предистражна постапка, но не се испитуваат причините за несреќата туку другите аспекти. И мене ме интересира тоа. 135 пати тој автобус само годинава излегол надвор од границите на државата без лиценца за меѓународен транспорт. Да почекаме до каде ќе дојде предистагата па ако има докази ќе го го преземеме случајот“, децидна е обвинителката Русковска.