Русковска ненадлежна да го гони криминалот на Заев и Дончев!?

Шефицата на јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција, Вилма Русковска се прогласи за ненадлежна да го истражува дали има сторено кривично дело во разговорите од аудиоснимките кои го инволвираат екс премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Русковска прашана дали обвинителството ќе отвори истрага за да ги испита сомневањата дека Заев зел 300 илјади евра од црногорски бизнисмен, Милорад Давидовиќ Дака вели дека полицијата е таа која треба да отвори постапка.

„Обвинителството е орган на прогон полицијата е таа која треба да собере докази дали е сторено кривично дело. Доколку на полицијата им е потребна било каква наредба од страна на обвинителството  стоиме на располагање во секое време“, вели Русковска.

Обвинителката со сличен одговор се иззема и околу истрагата за поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев за кого исто така беа објавени видео и неколку аудио снимки кои содржат сериозни индиции дека е вмешан во сомнителни зделки.

Русковска вели дека се уште не го добила известувањето за распитот на Дончев во полициска станица извршен минатата недела. Дополнително, одговорноста за обезбедување на Дончев во текот на истрагата ја префрли повторно на полицијата иако единствено согласно законот кое има надлежност да побара од судот мерки за обезбедување како одземање на пасош, притвор и слични мерки е обвинителството.

 

„Известувањето се уште не сум го примила. Вчера бев на состанок и не ја прегледав поштата и не сум запознаена дали е пристигнато и ако е пристигнато што се бара со истото. Кога има некое сомневање дека некој сторил кривично дело проценка на полицијата е дали истото ќе го стави на стоп листа на граници за тоа на полицијата не и е потебно одобрени и барање од јавниот обвинител“, вели Русковска по одложеното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз.

Русковска и обвинителството и денеска беа повикани од ВМРО ДПМНЕ да отворат постапка и да го повикаат Заев на распит со цел да се расветлат дилемите наметнати од објавената аудио снимка од разговор меѓу Дака и обвинетиот во „Рекет“, Зоран Милевски.

„Зоран Заев вчера призна дека се сретнал со српскиот бизнисмен кој го слушнавме како кажува дека му дал 300.000 евра. Заев мора да собере храброст и да каже за што ги потрошил изрекетираните пари.Иако имаме признание од Заев дека остварил контакт со бизнисменот Дака, ЈО молчи и не презема ништо. ЈО наместо да го викне Заев и Дака, да ги земе нивните електронски уреди и да изврши вештачење, молчи. Со самиот факт што ЈО не презема ништо, иако има признанија и од двете страни, доволно кажува дека истото е под целосна контрола на Зоран Заев и мафијата на власт“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Аудио снимката беше објавена во саботата и во неа Дака вели дека дал 300 илјади евра за да му биде завршена некоја работа во Македонија, исто бизнисменот го потврди и во отворено писмо во вторникот. Истиот ден во тв дуел со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски Заев призна дека имал средба со Дака со посредство на одредени луѓе и дека се разговарало за отпочнување на бизниси. Но, ги демантираше наводите дека му биле дадени пари од страна на црногорскиот бизнисмен.