Имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат и било понудено да стане заменик републички Јавен обвинител. Со овие понуди, како што рече, „сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансова полиција, Арафат Муареми“, пренесе Телма.
Русковска претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требала и да ја повлече односно да се откаже од истрагата за случајот со Рашковски.
„Можеби и тоа беше причината, тогашниот премиер и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет. Кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев, за сведок-експерт, бидејќи таму се наведува дека сум сторила повреди на законот за кривична постапка, а Калајџиев кој бил дел од законот за кривична постапка, да каже дали јас навистина сум го сторила тоа дело. Но, не беше прифатен како сведок. А како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми“, вели Русковска.
Додаде дека тогашната власт не сфатила дека за неа не била важна „фотелјата“, туку желбата да става темели на една правна држава, и поради тоа повторно ја поднела кандидатурата за Шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Едноставно не сфатија дека мене не ми беше важно функција и фотелја. Јас сама се изборив за позицијата шеф на обвинителството за борба против организиран криминал од причина што сакав да почнам да ставам темели на една правна држава. Сите знаеме во каква состојба беше тоа обвинителство, едноставно не немаше на мапа. И затоа не се каам што тогаш не го прифатив тој предлогЊ, истакнува Русковска во интервју за Топ Тема.