Проширување на ЕУ до 2030 година ќе биде можно доколку земјите кандидати за членство бидат подготвени за членство до тој датум, смета холандскиот премиер Марк Руте.
– Не се согласувам многу со тој датум. Прашањето не е кога земјите ќе бидат подготвени. Прашањето е дали земјите ќе бидат подготвени, изјави Руте, коментирајќи ја целта за проширување на ЕУ во 2030 година, што ја постави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Според Руте, проширувањето е макотрпен процес, кој бара кандидатите за членство во ЕУ да се усогласат со законодавството на Унијата за да можат да пристапат во блокот.
– Не треба да има апсолутно никакви исклучоци кога станува збор за исполнување на условите на ЕУ за зачленување, додаде Руте.
Холандскиот премиер смета дека од аспект на проширувањето важно е и прашањето дали ЕУ е целосно подготвена да прифати нови членки.
– ЕУ веќе има 27 земји членки и ако се приклучат уште земји, тогаш донесувањето одлуки и секакви други работи ќе стане уште покомплицирано, оцени Руте.
Прашањето за реформи на ЕУ пред следното проширување веќе извесен период е меѓу главните теми во Унијата, особено во врска со процедурите за носење одлуки, буџетот на блокот, санкционирањето за прекршувањата на принципите на владеење на правото, како и идејата за „постепена интеграција“ на кандидатите за членство уште пред нивниот прием.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, изјавата на Руте доаѓа во време на кампања за предвремените парламентарни избори во Холандија, закажани за во ноември. Според последните анкети на јавното мислење, засега се води тесна битка за победа меѓу левоцентристикиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ), предводен од поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс, либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Руте и новоформираната популистичка демохристијанска партија Нов социјален договор (НСЦ) на Питер Омцихт.
Иако и блокот ПБДА-ГЛ и ВВД во нивните изборни програми се на став дека треба да се почитуваат критериумите за членство при приемот на ЕУ, коалицијата на Тимерманс важи за понаклонета кон приемот на нови членки, залагајќи се за „охрабрување, наградување и активна поддршка на вистинските реформи“. Од друга страна, партијата на Руте строго се држи до ставот дека „земјите кандидатки за членството во ЕУ и ќе бидат оценувани според постигнатите резултати“. НСЦ се уште ја нема објавено својата изборна програма, но се очекува меѓу трите водечки политички сили нејзините ставови да бидат најрестриктивни по однос на проширувањето.