Руте вели НАТО ќе продолжи да промовира стабилност и безбедност надвор од своите граници

НАТО ќе продолжи со промоција на стабилноста и безбедноста надвор од своите граници преку своите мисии и операции, како КФОР и Мисијата во Ирак, порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, на кое учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски.

-Значително ја зголемивме нашата поддршка за Украина, со цел, прво, таа да може да се одбрани од руската агресија сега и, второ, да се спротивстави на идните руски закани во иднина, додаде Руте.

Тој нагласи дека на состанокот ќе се разговара и за имплементација на одлуките од јулскиот Самит на НАТО во Вашингтон за зајакнување на одбраната, преку инвестиции во вооружените сили и капацитети, со цел справување со предизвиците со кои се соочува Алијансата.

Според него, ќе се дебатира и за зајакнување на капацитетите на одбранбената индустрија и зголемување на нејзиното производство ширум Алијансата, како и за заштита на критичните синџири за снабдување.

Заседанието на Северноатлантскиот совет се одржува во рамки на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, што започна вчера во Брисел. Во текот на вчерашниот дел беа одржани министерски состанок на членките кои придонесуваат за зајакнување на Глобалната коалиција за пораз на групата Исламска држава (Д-ИСИС), како и средба на министрите за одбрана на НАТО со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд, на која се разговараше за продлабочување на соработката во повеќе области, пред се во сферата на иновациите, индустриското производство и борбата против хибридните закани и кибер нападите.

Дополнително, во форма на работна вечера се одржа и заседание на Советот за соработка НАТО-Украина, на кое присуствуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров.