Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Ryanair“ најави дека следното лето планира да ја прекине работата на три германски аеродрома поради високите даноци и такси.
Според новите планови, ирскиот дисконтен авиопревозник веќе нема да работи на аеродромите во Дортмунд, Дрезден и Лајпциг од следното лето. Според најавите од август планираат да ги намалат летовите од Хамбург за 60 отсто, а во германската престолнина Берлин за една петтина.
Вкупно, на тој начин целосно ќе ги прекинат летовите на 22 линии, со 12 отсто помалку летови од летото следната година отколку во истиот период годинава.
„Во летото 2025 година, Германија ќе загуби 1,8 милиони седишта во авионите на ‘Ryanair’ поради високите и зголемени давачки“, нагласи компанијата во четвртокот, што значи 12 отсто помалку патници од минатата година.
Како што се наведува во соопштението, авиокомпанијата донела ваква одлука бидејќи германската влада не ги намалува таксите за летање, безбедноста и таксите за контрола на летање, што, според нив, го попречува закрепнувањето и растот.
И „Lufthansa“ и „Сondor“ неодамна се пожалија на значително повисоки давачки, наведувајќи дека тоа ја отежнува нивната позиција во споредба со конкуренцијата.
Во последните четири години, трошоците за контрола на воздушниот сообраќај, безбедносните проверки и таксите се удвоија и денес изнесуваат седум милијарди евра годишно, изјави извршниот директор на „Condor“, Петер Гербер, на деловна средба на аеродромот во Франкфурт на почетокот на септември.
Меѓународните превозници сѐ повеќе ги избегнуваат германските аеродроми, што доведува до губење на врските со светот, предупреди шефот на Кондор. Германија оствари само 82 отсто од прометот од претпандемиската 2019 година, додека повеќето други европски земји го надминаа тоа ниво.
Шефот за одделот за човечки ресурси во „Lufthansa“, Микаел Нигеман, исто така, се спротивстави на владината регулатива за одржливи горива за воздухопловство (SAF). Системот ќе регистрира само заминувања од ЕУ, така што центрите надвор од Европа ќе имаат приоритет, објасни тој.
Од 2025 година, авиокомпаниите кои летаат од ЕУ ќе мора да користат просечно два отсто одржливо гориво, а до средината на векот нивниот удел би требало да се зголеми за 70 отсто.