Rzeczpospolita: Бегалците од Украина ја зголемија стапката на криминал во Полска

Приливот на украински бегалци во Полска од почетокот на конфликтот меѓу Москва и Киев има негативно влијание врз криминалот во земјата, пишува весникот „Rzeczpospolita“, повикувајќи се на податоци добиeни од полицијата.

Вкупно 17.278 прекршувања на законот биле извршени од странци во Полска минатата година, 2.400 повеќе отколку во 2022 година, пишува весникот во написот со наслов „Темната страна на миграцијата“, објавен минатата недела. Во 2013 година, оваа бројка изнесуваше 3.500.

Украинците се одговорни за повеќе од половина од злосторствата, а потоа следуваат граѓаните на Грузија и Белорусија, покажуваат податоците на полицијата, според весникот.

Секој трет прекршок бил поврзан со злоупотреба на алкохол и возење во пијана состојба. Минатата година имало 4.898 такви случаи, а во 70 отсто од нив наводно биле вклучени украински државјани. Возењето во алкохолизирана состојба станува „растечки проблем“ во Полска, при што високото ниво на алкохол откриено во примероците од крвта од сторителите „изненади“ дури и искусни полицајци, пишува весникот.

„Можеби пијат повеќе, почесто и не обрнуваат внимание на состојбата во која се зад воланот. Ова може да се должи на различни проблеми, вклучително и културни“, посочил Мирослав Шкорка од Здружението на Украинците во Полска.

Во Полска има 2,5 милиони украински граѓани, така што оваа појава мора да биде поврзана со ова“, вели Шкорка.

„Имаме се повеќе странци. Во нивните земји, тие често се плашат да го прекршат законот, но во Полска веруваат дека се гости, на кои им е дозволено повеќе“, вели професорот по криминологија Брунон Холист.

Претходно, на 15 јануари, заменик-министерот за надворешни работи на Полска Анджеј Шејна во интервју за Rzeczpospolita посочи дека во Полска се зборува за можното напредување на руската армија во Украина и за очекување на нов бран милиони бегалци. Политичарот истакна дека земјата не треба да се оптоварува со дополнителна одговорност на полето на миграцијата.

На почетокот на декември минатата година во Германија повеќе од илјада Германци протестираа против сместувањето бегалци во болницата Визмут.  Во исто време, германскиот опозициски лидер Фридрих Мерц ги повика украинските бегалци да одат на работа.